Топ Новости >

36-то Традиционално Искачување на Титов врв

  • Петок, Јун 02 2017


Традицијата продолжува и годинава во организација на Планинарски Клуб „Љуботен“ од Тетово кое годинава собра 850 планинари со намера да го искачат врвот на Шара од 2.747 метри надморска височина.
Настанот беше дел од прославата по повод "Денот на Европа" организирана од канцеларијата на ЕУ во Македонија, а овогодинешното искачување на Титов врв беше под мотото ПЛАНИНАРСКИОТ ЦВЕТ И ПЛАСТИЧНИОТ СМЕТ НЕ ОДАТ ЗАЕДНО ! ДА ЈА ЗАЧУВАМЕ ЖИВОТНАТА СРЕДИНА ЗА ПОЗДРАВА ИДНИНА.
Токму помошта од ЕУ и пораките за животна средина со свој пример и учество ја потврдија и евроамбасадорот Самуел Жбагор, холандскиот амбасадор Ваутер Пломп, унгарскиот амбасадор Ласло Иштван Дукс и други.

Организаторот на настанот, претседателот на клубот „Љуботен“ Јован Божиновски настанот го поврза со долгата историја на клубот која датира од пред 92 години и се' уште опстојува благодарение на планинарските амбиции на многуте приврзаници на природата и здравата животна средина.

Меѓу многуте планинарски клубови од Македонија, регионот и Балканот, на годинашниото искачување на Титов врв учествуваа и 10 планинари од ПД „Кожуф“ од Гевгелија. Иако во мајски услови, планината ги пречека со ветер, магла, а наместа и остатоци од снег. За спремните планинари беше доволно 4 часовно искачување, а за тие кои заостануваа се создаде колона пред самиот врв. Целата траса е во должина од 14 километри во еден правец..

Нашите членови Каркалашев Ристо и Карајкова Љубица оваа искачување на Титов врв го направија заедно со групата планинари од Планинарскиот Клуб „Балкан“ од Белград Србија на која им беше водич Миланка Арсиќ. Оваа искусна планинарка овој месец ќе биде водич на Балканската Експедиција „Дамаванд“ (5.671 м.н.в.) што ќе се изведе во Иран во периодот од 28 јули до 6 август. Нашите гевгелиски планинари имаат пријавено учество на 3-4 свои членови за истата експедиција, така што оваа искачување на планинарите од гевгелиски „Кожуф“ им беше прва контролна акција пред искачувањето на „Дамаванд“.

Според информациите на организаторот на овогодинешното искачување учествувале 850 луѓе од кои 828 го искачија врвот.


 


 

 
 
 

Не пропуштајте ...

2014 Сите права задржани © ГевгелијаНет
Не е дозволено превземање на вестите без писмено одобрување.