Топ Новости >

Поради отровната вода, гевгеличани умираат од малигни заболувања

  • Сабота, Јул 23 2016


Доколку институциите продолжат да молчат за загаденоста на водата во Гевгелија со арсен, ќе ги повикаме на политичка и на кривична одговорност, вели во интервју за Стандард.мк., Јованка Дојранлиева, основач на граѓанската иницијатива Арсена. Граѓанската иницијатива направи анализа на примерок вода од гевгелискиот водовод во меѓународна лабораторија во Солун, која го потврди континуираното присуство на арсенот во енормни количини штетни по здравјето на човекот, но и тешкиот метал ванадиум.

Анализа на примерок на вода од гевгелискиот водовод која ја однесовте во Солун го потврди присуството на Арсен во енормни количини. Градоначалникот Франгов, пак, одговори дека се работи за политички монтиран случај и дека „Арсена“ земала пари од „Сорос“ за да го урне рејтингот на општината.

– Загрижува што целиот период додека трае забраната за употреба на водата од бунарите кај Моин со кој што се снабдува градот Гевгелија, шест населени места и две индустриски зони, што е период од 3 години и 10 месеци, речиси еднакво на вториот мандат на градоначалникот, Франгов две години молчи за проблемот, во 2014 наводно започна да копа бунари, најавено со јавен прес со државниот Секретар за животна средина – Соња Лепиткова, па го запре целиот процес на копање, за во мај 2016 да каже дека водата е безбедна. За целиот период од 3 години и 10 месеци, решението за забрана на водата од бунарите кај Моин од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство е сé уште актуелно и не е повлечено. Конечно, наместо градоначалникот да се занимава со негирање на проблемот и обвинување на граѓанските организации кои бараат чиста вода за пиење што е елементарно граѓанско право, мислам дека требаше периодот од својот мандат да го употреби прво со мерки за заштита на граѓаните, а второ и најважно со решавање на проблемот со арсенот во гевгелиската вода. Такво нешто сé уште нема.

Каков чекор ќе се превземе понатаму со оглед на тоа дека институциите веќе со години го игнорираат проблемот со отровната вода за пиење во Гевгелија? Ќе поставите ли рок за поставување на деарсенификатор и гледате ли волја кај граѓаните на Гевгелија да го изразат незадоволството преку протест?

– Барањето за чиста вода граѓаните на Гевгелија го искажаа на сите протести од „Шарената револуција“ во Гевгелија на кои што се придружи и Арсена. Наместо да ги земе за сериозни пораките и барањата од граѓаните, градоначалникот ги исмеваше лицата кои носеле транспаренти за барање на чиста вода.

Ова значи дека постоењето на граѓанското општество во Гевгелија за власта е само декларативна заложба, додека во реалноста сите пораки од јавноста власта одбива да ги слушне, а уште помалку да постапи по нив. Арсена за целиот период упатува барање за решение со проблемот со водата како до општината, така и до сите надлежни државни институции во Република Македонија и досега сме добиле само два одговори, од Државниот инспекторат за животна средина кој се прогласи за ненадлежен за проблемот, а Министерство за здравство дури вчера одговори дека за проблемот со водата треба да се обратиме до Агенцијата за храна и ветеринарство.

Три години и 10 месеци институциите молчат! Нас како граѓанска иницијатива не интересира кој во овој период се грижи за здравствената безбедност на граѓаните кои што без превземени мерки за заштита сé уште се осудени да ја пијат неквалитетната вода со арсен, која до нив ја испорачува Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Гевгелија и истата ја наплаќа како чиста вода?

Институт за јавно здравје на РМ одби да направи анализа на примерок вода од Гевгелија и Богородица кои ги доставивме на 8 март оваа година со образложение на професор доктор Михаил Корчубоски – Специјалист по јавно здравје дека: „Водата во Гевгелија е токсична. Нема зошто да правиме анализа“

Какви се здравствените последици кај граѓаните на Гевгелија од пиењето на вода загадена со арсен?

– Науката вели дека арсенот е силен отров кој при долгорочна изложеност, минимум од 6 месеци може да предизвика пореметувања и здравствени импликации кај човековото тело. Тој е причинител за канцерогени појави, пред се заболување на црниот дроб, бубрезите, кардио-васкуларниот систем, причинител на спонтани абортуси, а од него не се поштедени ни новите генерации, бидејќи арсенот преку плацентата од мајчината утроба може да навлезе во неродениот плод. Податоците од Институтот за јавно здравје од Велес – Подрачна единица Гевгелија упатуваат на зголемен број на неоплазми, (генерално име на сите малигни заболувања) во период од изминатите 10 години.

Степенот на смртност од неоплазми во Гевгелија е над 20% според податокот од 2013 година. Оваа институција веќе одбива да дава податоци на граѓанската иницијатива Арсена поради што сериозно се сомневаме дека степенот на смртност сé уште е во пораст. Уплашени од гласноста на Арсена, истата оваа институција – Институт за јавно здравје, одби да направи анализа на примерок вода од Гевгелија и Богородица кои ги доставивме на 8 март оваа година со образложение на професор доктор Михаил Корчубоски – Специјалист по јавно здравје дека: „Водата во Гевгелија е токсична. Нема зошто да правиме анализа“.

Сé додека институциите ги кријат податоците од граѓаните, ние се сомневаме за нашата безбедност и за професионалната одговорност на надлежните. ЈПКД Комуналец според законот за води и правилникот за квалитет на води е должен два пати во месецот да прави анализа на квалитетот на водите што ги испорачува до корисниците на водоснабдителниот систем во Гевгелија и да ги известува граѓаните за безбедносниот карактер на водата, а институтот за јавно здравје е должно по секој негативен наод на примерок вода да го извести Министерството за здравство, а тоа да превземе мерки за здравствена заштита на граѓаните. А ние од Министерството за здравство вчера добивме одговор да се обратиме до Агенција за храна и ветеринарство. Кои се грижи за здравјето на гевгеличани?

Јавното претпријатие „Комуналец“ пред неколку месеци објави дека анализа врз примерок од вода од регионалниот водовод во Гевгелија, која била направена во Србија од лиценцираниот Институт „Мол“ во Стара Пазова, потврдила дека гевгеличани пијат исправна, нетоксична вода. Како го објаснувате тоа што се појавуваат различни резултати од испитувањата?

-Прво, и во таа анализа е констатиран арсен и тоа во концентрација од 16,6 микрограми арсен на еден литар вода. Не знам и не можам да се согласам дека е тоа референтна лабораторија, бидејќи и ние во декември 2015 година направивме анализа во Србија, но во Институтот за јавно здравје на Република Србија. Резултатот што го добивме од таа лабораторија беше дека е констатитан арсен во количини помали од 50 микрограми арсен на еден литар вода и ја оценија водата за безбедна. Сфативме дека според Правилникот за квалитет на води кој важи во Србија тие ги немаат прифатено стандардите на Светската здравствена Организација, поради што не се референтни и споредливи со резултатите од ИЈЗ на РМ кој од 2012, па се до 2015 во неколку наврати констатира висока концентрација на арсен во гевгелиската вода, над дозволените стандарди на СЗО.

Втор податок со кој оперираат во анализата од Стара пазова е валентноста на арсенот. СЗО не ја третира валентноста на арсенот. За неа арсенот е отров и штетен за човековото здравје ако се внесува во организмот преку вода во која се содржат количини поголеми од 10 микрограми арсен на еден литар вода.

И трето, откако се повика на анализата од Сара Пазова, општината и ЈПКД „Комуналец“ ги неграат наодите од референтна лабораторија во Солун, Р. Грција која во два наврати констатира висока концентрација на арсен од 23,1 во април, до 19,7 во јуни 2016 годин. Грција, како земја членка на ЕУ работи според стандардите и легислативата на Европската Унија, а меѓународната лабораторија ги има сите неопходни сертификати и ИСО стандарди за анализа на квалитет на вода. Зошто оддеднаш не им чинат меѓународните анализи? Не им се допаѓаат резултатите, па повторно се повикуваат на Институтот за јавно здравје кој до пред една година самите го негираа како нереферентна лабораторија во Македонија.

Имате ли информации каков е квалитетот на водата во другите градови од слични граѓански иницијативи како „Арсена“? Постојат ли иницијативи за испитување на водата во меѓународни лаборатории?

– Имавме соработка со невладина организација од Струга каде се појави проблемот со присуство на бактеријата ешерихија коли во водите од градскиот водовод. Но, таму, факторот причинител беше од субјективна природа, заради ненавремено обезбеден хлор за третирање на водата. Во Гевгелија немаме надворешен причинител од индустријата како загадувач. Арсенот е природна појава од самите изворишта на Кожув планина, кои по своето течение поминуваат низ арсенови лежишта и одовде измивајќи го отровниот металоид го понесуваат како состојка со себе, сé до бунарите кај Моин. Значи арсенот е од неорганска природа и како таков науката го третира како исклучително јак отров, кој при хронична изложеност подолга од шест месеци, предизвикува малформаии и пореметувања на метаболизмот, а со тоа може да биде и причинител на низа канцерогени заболувања.

За други анализи на води во други општини од страна на граѓански организации не сме запознаени. И конечно: Ќе си ја работат ли институциите работата за која се платени со јавни пари за обезбедување на потребите на граѓаните: „Комуналец“ – водоснабдувањето, Општината – проектни решенија за обезбедување чиста вода за пиење, Министерството за здравство – здравствена безбедност на граѓаните, или мора граѓаните сами да бараат, чекаат и спроведуваат решенија?

Ако е така, а изминативе три години и 10 месеци е така, институциите молчат, а граѓаните бараат решенија, тогаш ќе ги повикаме на одговорност најодговорните, и политичка, и кривична.

Извор: Стандард.мк

 


Кривична пријава за надрилекарство за гевгеличанка

Без соодветно образование, без лиценца вршела очни прегледи и одредувала диоптрија на пациенти 

Повеќе

Делегација на Чешката Амбасада и Сенатот на Р.Чешка во Гевгелија

Гевгелиско добредојде за делегација од чешкиот Сенат и Амбасадата на Република Чешка во Гевгелија, предводена од неговата екселенција Мирослав Томан

Повеќе

Прес на Владата по повод чистата препорака за преговори со ЕУ

„Во својот извештај до Европскиот Совет на ЕУ, Европската Комисија предложи кристално чиста, безусловна препорака за почеток на преговорите за Република Македонија“

Повеќе

Симната условеноста за пристапните преговори со ЕУ

Македонија доби чиста препорака за почеток на пристапните преговори од страна на Европската комисија и многу подобрен вординг во однос на претходните извештаи (Жбогар)

Повеќе

Се обновува градскиот парк во Богданци

Општина Богданци ја реконструира пешачката патека во градскиот парк и го враќа првобитниот изглед на паркот

Повеќе

Кривична за поранешен директор на основно училиште во Миравци

Спротивно на законите и одредбите си ја зголемил платата за повисок ранг

Повеќе

Трамп нареди воздушни напади против режимот на Асад

Утринава САД, Британија и Франција започнуваат со воздушни напади на Сирија

Повеќе

За 5 месеци 11 седници на Совет на општина Гевгелија

Со 23 точки на дневен ред денеска (петок 13 април) се одржува 11-та редовна седница на Советот на општина Гевгелија

Повеќе

Поскапуваат цигарите

Пролетно поскапување на цигарите

Повеќе

Интерпелацијата на Владата одбиена од мнозинството пратеници

Владата ја доби довербата од пратениците, а подносителот на интерпелацијата немаше доволен број аргументи за да ги убеди другите пратеници да гласаат за интерпелација

Повеќе

 

 
 
 

Не пропуштајте ...

2014 Сите права задржани © ГевгелијаНет
Не е дозволено превземање на вестите без писмено одобрување.