Топ Новости >

Сашо Поцков - политичар кој нуди достоен живот за сите

  • Четврток, Окт 05 2017


Интервју со кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалиционите партнери - отворено за општествената одговорност, за Гевгелија некогаш и сега, за плановите, проектите, за развојот и покрај задолжената општинска каса која го чека идниот градоначалник на Гевгелија, искрено со Сашо Поцков. 


ГевгелијаНЕТ: На прагот сме на одржувањето на шестите по ред локални избори во Македонија. Вие веќе учествувавте на два изборни циклуса за пратенички мандат и ги добивте со освојување место во Парламентот на Република Македонија како претставник на СДСМ од Гевгелија. За осум месеци повторно влеговте во кампања, но сега за функцијата градоначалник на општина Гевгелија. Господине Поцков, Ви претставува ли терет оваа изборна фузија во државата и тоа што толку често се одржуваат избори?

Сашо Поцков: Самата кампања за мене е омилен дел од политиката. За разлика од некои други политичари кои политиката ја сфаќаат како кулоарски игри и калкулации, за мене политиката е блискиот однос со граѓаните. Честопати и надвор од кампањата ги посетувам граѓаните од градот и од населените места, така што и не чувствувам голема разлика во тој дел. Но, дефинитивно сега ми е полесно затоа што сум растеретен од обврските како пратеник во Собранието и можам целосно да се посветам на комуникацијата со граѓаните.

ГевгелијаНЕТ: Иако поголемиот дек од граѓаните имаат перцепција дека политиката е вносна работа, барем за оние кои ја мерат спрема приливите во својот џеб, наспроти одговорноста кон гласачите, сепак, политиката е тешка и стресна работа. Наместо вообичаениот четиригодишен мандат, политичарите во државата многу често треба да ја докажат поддршката од електоратот. Како се носите со целата одговорност и обврските и зошто воопшто влеговте во политиката?

Поцков: Моментот кога одлучив да се бавам со политика решив дека ќе го посветам мојот живот на интересот на граѓаните и доброто на сите. И иако на многумина однадвор им изгледа дека занимавањето со политика е лесна работа тоа воопшто не е така. И оваа работа, како впрочем и секоја работа, со себе си носи свои тешкотии. Но, тоа е мојот избор и не се жалам. Во политиката влегов затоа што чувствував одговорност кон мојот град Гевгелија и мојата татковина Република Македонија. Сметам дека со моето знаење како магистер на економски науки и искуствата од економијата и политиката можам да придонесам за подобрување на состојбите преку мојата партија Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Секој од нас треба да го прави она во кое е најдобар и така сите заедно ќе придонесеме за подобро општество за сите.

Мислам дека важна улога во мојата одлука да се бавам со политика е семејното опкружување, дискусиите во татковиот дом, општествен сенс што го понесов како домашно воспитување кон бавењето со јавните работи од мојот покоен татко. Татко ми беше Претседател на Извршен Совет во периодот од 1978 до 1982 година и честопати дома го слушав како разговара на политички теми. Во тоа време Гевгелија беше трета општина по остварен Бруто општествен производ (GDP) по глава на жител во цела Југославија. Тогаш се изгради и спортската сала, а се отпочна и проектот за Конска брана.

ГевгелијаНЕТ: Кога веќе се навраќаме на Вашето семејно минато, кажете ни' нешто повеќе за Вас, Вашето образование, работното искуство и секако важноста на семејството Поцкови во обликувањето на денешниот политичар Сашо Поцков.

Поцков: Моите другари, блиски пријатели и сограѓани ме паметат како генерација која ги слави своите родендени од мај 1966 година. Средно училиште завршив во Гевгелија, а потоа образованието го продолжив на „Економскиот факултет“ во Скопје. Подоцна и магистрирав на насоката менаџмент во 2003 година. Моето прво вработување беше во „Винојуг“ во 1991 година како референт во комерција. Две години, односно од 1997 до 1999 година бев и генерален директор на „Винојуг“, а потоа од 1999 повторно се вратив на старото работно место како референт. Од 2005 до 2014 година работев во приватната компанија „Осигурителна полиса“. На страната на политичкото искуство- за прв пат како советник во Советот на Општина Гевгелија стапив во 2009 година, а од 2014 година сум и пратеник во републичкото Собрание.

Со сопругата Бети сме во брак од 1989 година, односно 28 години. Татко сум на две деца- Антонија и Кристијан. Благодарен сум им што го имам целото разбирање од нив за мојата општествена посветеност и поддршката во политичка истрајност.

    

ГевгелијаНЕТ: Пред да станете политичар имавте ли други амбиции, или ангажмани што го окупираа вашето секојдневие? Дали младоста Ве носеше во други чекори, хобија, спортови?

Поцков: Кога бев млад бев многу активен. Играв мал фудбал и кошарка. Дури играв во подмладокот на „Кожуф“. Сега немам толку многу време, но онолку колку што ми дозволува времето се обидувам да ги гледам натпреварите на „Кожуф“ и на „Манчестер Јунајтед“, а и самиот понекогаш играм фудбал со пријателите.

ГевгелијаНЕТ: Во Вашата изборна програма нудите проекти за „Живот во Гевгелија за сите“. Тоа значи дека сте направиле сондажа за потребите на Општината, ни и видувања што е тоа што недостига за подобрување на секодневието на гевгеличани. Можете ли да ни' направите споредба каква беше Гевгелија во деновите на вашата младост, а каква е денес?

Поцков: Гевгелија која ја памти мојата генерација беше многу поинакво место од она што е денес. Слободно ќе кажам дека Гевгелија сега е само сенка на она што некогаш беше. Градот беше среден, мирен и многу чист. Имаше многу зеленило, паркови, имаше голема дисциплина, младите имаа перспектива. Изминативе години се направија многу грешки и се пропуштија многу шанси. Градот ни' стана некако тмурно, затворено и апатично место. Мене ме чуди колку градот е нечист, колку не се води сметка за градежните стандарди при градењето, колку само зеленило се исече... А никаде го нема ни долго најавуваниот економски бум.

ГевгелијаНЕТ: Чувствувам дека сентименот на минатото го оставате настрана и веднаш читателите добија политички одговор на недоискажан планер. Тогаш, кажете ни' што конкретно вие ќе сторите за да ги промените работите? И во што ќе бидете поразлични од сегашната локална власт?

Поцков: Нашите приоритети се веќе определени во нашата изборна кампања. Сакаме да ја направиме Гевгелија европски град, модерен и прогресивен и сакаме да го вратиме зеленилото во градот. За таа цел, уште веднаш ќе се зафатиме со крупни инфраструктурни проекти кои ќе ги решат најголемите проблеми на градот. Ветуваме трајно решавање на проблемот со арсенот во водата. Со поддршка на централната власт ќе донесеме и гасификација во општина Гевгелија и во целата земја со што граѓаните ќе имаат значително пониски трошоци за греење и потребите за домаќинството, а од друга страна гасот е далеку поеколошки енергенс. Со тоа значи не само што ќе заштедиме финансиски, туку ќе ја зачуваме и животната средина.
Сакаме стариот градски пазар да го направиме да биде еден убав градски парк, простор за рекреација и социјализација, за дружење на луѓето. Мислиме дека тоа ќе биде многу значаен проект за градот, со што централното градско подрачје ќе добие современ лик. Предвидуваме и многу други проекти: катна гаража, детска градинка, спортско-рекреативен комплекс со базен, решавање на проблемот со атмосферската канализација, релокација на градската депонија и уште многу други проекти. Но, освен овие проекти ние се залагаме и за поинаков пристап во управувањето со општината. И овој дел не смее да се занемари.

Поцков на големиот предизнорен митинг одржан на 25 септември, се обраќа пред граѓаните на Гевгелија

ГевгелијаНЕТ: Морам да забележам дека иако ова е интервју со Вас, како кандидат за градоначалник на СДСМ и коалиционите партнери, Вие одговарате во множина, со „ние“. Тоа значи дека зад проектите кои ги посочувате стои и моќта на гласачкото мнозинство во локалната самоуправа, која верувам, како секој оптимистички настроен политичар, очекувате да ја добиете на изборите. Кажете ни', со освоеното мнозинство и градоначалничката позиција - Каква локална самоуправа им нудите на граѓаните, а да е поинаква од досегашната?

Поцков: Сегашната локална власт се чини дека е премногу далеку од граѓаните. Одлуките се донесуваат далеку од очите на јавноста и тоа создава оправдани сомнежи кај сите. Граѓаните најчесто се чувстуваат дека не се ни прашани за одлуките, а нема кој да ги чуе нивните маки, ставови и мислења. Затоа, ние се залагаме за отворена и транспарентна општина која ќе даде пристап на граѓаните во процесот на донесување на одлуки. Ќе организираме редовни јавни средби со граѓани. За секоја поголема и позначајна одлука ќе ги консултираме граѓаните преку анкети и јавни расправи. Нема да практицираме тврда власт и нема да се водиме од личните суети. Напротив, ќе работиме на тоа власта да биде во служба на граѓаните и да го слуша нивниот глас.

Срдечно добредојде за Поцков со букет цвеќе од домашната градина со жител од село Петрово, гевгелиско, во текот на предизборната кампања

ГевгелијаНЕТ: Во кој дел од работата на локалната власт лично Вие најмногу ќе се фокусирате?

Поцков: Најмногу ќе се фокусирам на локалниот економски развој. Ќе работам на изградба на индустриската зона и ќе соработувам со инвеститорите кои ги најавува Владата на Република Македонија. Гевгелија има компаративна предност со која може да привлече и домашни и странски инвеститори. Силно сум убеден дека Гевгелија може многу да напредува во економска смисла на зборот, само доколку власта навистина го посакува тоа.

ГевгелијаНЕТ: Голем дел од бизнисите, проектите, странските инвестиции на поранешната власт останаа под превезот на корупција и злоупотреба на јавните средства, па јавноста, стучните аналитичари и светските експерти често го поставуваа прашањето на чесноста и моралот, а судството, ОЈО и СЈО имаат работа на претек. Сметате ли дека провизиите ги валкаат политичарите, или дека валканите политичари бараат баснословни провизии? И, како сметате да останате неизвалкан од корупцијата и криминалот кои толку често кај нас се поврзуваат со политичарите?

Поцков: Мојата кандидатура на овие локални избори не е од позиција на политички анонимус. Од 2009 година наваму сум активен во политиката на локално ниво, а од 2014 година и како пратеник во Собранието. И ниту еднаш до сега во овие 8 години од кога сум на политичка функција моето име не се поврзувало со некаков скандал. Всушност, јас и потекнувам од фамилија која оставила белег во општествениот живот во градот, а чесноста е еден од атрибутите кои ја красат мојата фамилија.

Многу е важно да го истакнам и тоа дека новата влада во Македонија, предводена од премиерот Зоран Заев, дава ново обележје на функцијата политичар. Политичарот сега треба да работи за народот, а не за себе. Она што Македонија беше до 2015 година и она што Македонија е денес се две сосема различни приказни. Граѓаните и преку многуте протести и на денот на изборите на 11 декември пратија јасна порака до политичарите дека сакаат ефективна и ефикасна власт, но секогаш во рамките на законот. Во Македонија заврши времето на корумпирана власт, на политичари кои власта ја користат за своите лични интереси. Ние мораме да работиме за доброто на граѓаните, за јавниот интерес. Тоа е пораката која ја испратија граѓаните до сите политичари и оние кои се паметни и мудри ќе се држат до неа, а оние кои нема да го сторат тоа ќе заминат во политичката историја.

Прегратка за дочек од жителите на село Смоквица во текот на предизборната кампања за кандидатот Сашо Поцков 

ГевгелијаНЕТ: Да зборуваме реално - наследувате општина со големи долгови. Тоа значи дека во текот на Вашиот мандат ќе треба да враќате многу пари. Сепак, Вашата Изборна програма е доста амбициозна. Од каде ќе најдете пари за да ги сервисирате долговите и за да ги остварувате проектите кои ги предвидувате во програмата?

Поцков: Да, тоа е точно и вашата забелешка е на место. Наследуваме околу 4 милиони евра долг. Само за потсетување - кога Иван Франгов стапи на функцијата градоначалник на Општина Гевгелија тој наследи долг од само 4 милиони денари, односно нешто помалку од 70 илјади евра. Тој „успеа“ за 8 години тој долг од денари да го претвори во евра. Од 4 милиони денари станаа 4 милиони евра.
Сепак, јас сум оптимист. Добра вест за нас е тоа што централната власт планира да го продолжи процесот на децентрализација на локалната самоуправа, а за Гевгелија тоа ќе значи поголеми извори на средства во основниот буџет. Од друга страна, за крупните проекти очекувам финансиска поддршка од Владата, а ќе работиме и на изработка на проекти преку одделението за Локален економски развој со кои би се допрело до пари од меѓународните институции. Сепак, најважно од се’ е што ние планираме да работиме домаќински и одговорно и да не се расфрламе со парите на граѓаните.

За таква отворена општина која нуди соработка со граѓаните, проекти за еконимичност, урбано ефикасна и раззеленета животна средина, за чисти и здрави животни ресурси, за комплекси за згрижување на децата и младите, за таква општина ги поканувам моите сограѓани да го дадат својот глас на 15 октомври со заокружување на редниот број 19, каде јас и коалицијата што ја предводи СДСМ нудиме „Живот во Гевгелија за сите“.

 


Утврден советот на општина Гевгелија

Во прилог, имињата на новите членови на гевгелискиот општински совет

Повеќе

Советот на општина Гевгелија со мнозинство на СДСМ

Со 2.302 гласа повеќе СДСМ го превзеде мнозинството од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општината

Повеќе

Гевгелија доби нов градоначалник во првиот круг

Сашо Поцков, кандидатот на СДСМ убедливо со 2.347 гласови разлика го победи уште во првиот круг кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и досегашен градоначалник Иван Франгов

Повеќе

Македонија гласа

Од вечерва на полноќ заврши предизборната кампања за Локалните избори 2017 година 

Повеќе

Форумот на жени на СДСМ со кандидатите за новата локална власт

Средба на членките на Форумот на жени на СДСМ за Гевгелија со кандидатите за градоначалник, носителот и кандидатките за советнички во новиот состав на локалната самоуправа за Гевгелија од коалицијата

Повеќе

Поцков во победничко Миравци

ВИДЕО: Миравци и на последните парламентарни избори го победи кандидатот од ДПМНЕ, ќе го победи и на 15 октомври (Поцков)

Повеќе

Честит 11 Октомври

Денот на востанието на македонскиот народ одбележан и во Гевгелија - гевгеличани благодарни на своите слободари

Повеќе

Залез на новата ера во Гевгелија

Шака народ на митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Гевгелија за промоција на кандидатите за локалните избори

Повеќе

Прес на Елизабета Јаневска (СДСМ) - кандидат за советник

Програмата на СДСМ нуди конкретни проекти за Богородица и сите населени места во Општина Гевгелија

Повеќе

Голем граѓански митинг на СДСМ во живо

ФОТО: „Живот во Македонија за сите!“ со десетици илјадници граѓани за поддршка

Повеќе

 

 

 
 
 

Не пропуштајте ...

2014 Сите права задржани © ГевгелијаНет
Не е дозволено превземање на вестите без писмено одобрување.