Топ Новости >


Читам дека амбасадорот на САД, Џес Бејли обелоденил дека членовите на нашата „славна“ и прилично неспретна ДИК, зад затворени врати, си изгласале дополнителни плати за пет месеци по завршувањето на парламентарните и за четири месеци по завршувањето на локалните избори. Човекот, како дипломат од кариера, дипломатски прецизирал: „ Гласањето во комисијата било едногласно, сите партии и сите етникуми, а персоналот во комисијата добил помали бонуси. Но, имам прашања во врска со ова, ДИК е независно тело, можеби овој потег бил дури и легален. Но, гласањето се случило зад затворени врати. Што кажува ова за вредностите на самата организација. Каде беа свиркачите, истражувачките новинари или парламентарните тела за надзор?“

Типовите и типките од ДИК, откако го слушнале обелоденувањето, побрзале да се оправдаат. Демек тоа било законска одлука, но сепак одлучиле да ја повлечат. Чудо невидено. Од искуство знам дека македончето на власт, кога е во прашање очигледно незаконска одлука која му носи ќар, не ја повлекува, а камоли законска одлука да повлече. Слободно мислејќи и уверувајќи се, се разбира согласно со моето уставно право на такво мисловно „дејание,“ дојдов до „грешна мисла“ дека дополнителните плати сепак не ќе се законски. Македончето не дава ни за жива глава нешто што законски стекнало, па дури обелоденувањето да дошло од севишниот, а камоли од амбасадорот на една пријателска земја.

Во врска со она дека гласањето се случило зад затворени врати, ништо не ме чуди. Македончето на власт си е навикнато да работи скришно, тајно, или, модерно кажано, нетранспарентно.

За таквото работење арапите викаат „харам“. Ние пак си го викаме нашински, или турски „арам“. Сеедно е. Турците ни оставиле во наследство повеќе илјади зборови, па и тоа „арам“. Од тука и зборот „арамија“ за оној што кришум зема – краде туѓо. Но, да не се оддалечуваме од темата. Значи типовите и типките од ДИК, со гласањето зад затворени врати одлучиле да земат арам плати, можеби со легален потег, ама тајно. И јас да се изразам малку дипломатски, иако дипломатското изразување не ми е баш добра страна.

Сега дојдовме до прашањето на господинот Бејли: „Што кажува ова за вредностите на самата организација?“, демек ДИК. Одговорот, драги пријатели ќе го извлечете сами, се разбира од горе кажаното.
На второто прашање на неговата екселенција, амбасадорот Бејли ќе одговорам јас. Свирачите и истражувачките новинари можеби не дознале за тајната – арам одлука на господата од ДИК. Што се однесува до парламентарните тела за надзор важи онаа латинската: „Cornix cornici oculos non efodiet“ или преведено на нашински: “Чавка на чавката очите не и ги вади“.

Понатаму, читам дека ДИК веќе неколку месеци ги крие и сумите исплатени за патни трошоци; дека нејзините членови, на барањето на невладината организација ЦИВИЛ, да кажат колку пари потрошиле за службените телефони кои ги набавиле, прашање кое им било поставено согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер, одбиле да одговорат, со образложение дека тие податоци не биле од јавен карактер. Во врска со ова и јас како и неговата амбасадорска екселенција ќе поставам прашање. Во која демократска држава податоците за потрошени пари од граѓаните не се од јавен карактер? Во која демократска држава еден државен орган ги крие од граѓаните сумите исплатени за патни трошоци како што тоа го прави ДИК?
Господа од ДИК, парите што вие ги трошите се пари на нас граѓаните. Тоа се наши пари. Ви не смеете да одлучувате за нивното трошење зад затворени врати, скришно, на арам начин. Не смеете господа да ги криете сумите што сте ги „лапнале“ за патни трошоци од нашиот колективен џеб – буџетот. Податоците за потрошените пари за службените телефони се од јавен карактер, господа. Вие за вашите службени „играчки“ сте потрошиле наши пари и ние трeба да знаеме колку сте потрошиле.

Ваша екселенцијо, амбасадоре Бејли, Ви благодарам за обелоденувањето на тајните – арам податоци за трошењето на парите од страна на нашата славна ДИК. Да не бевте Вие, тие податоци ќе останеа тајна, можеби за навек. Нашава државичка не е како Вашата држава; за еден незаконски потрошен долар од страна на јавен фукционер да дознае и да се дигне на нозе цела нација.
Ви благодарам и на Вас драги пријатели од ЦИВИЛ за тоа што сте „ги чепнале“ господата бирократи од ДИК за скришното - арам трошење на нашите пари. Белки еден ден тие, а и други бирократи од нашите државни органи, ќе сфатат дека треба да бидат транспарентни кога се во прашање парите на нас граѓаните и нема да ги трошат без наше знаење, врз основа на на харам или арам одлуки и на арам начин.

Автор: Проф. д-р Темелко Ристески

 


Проектот „ЕУ за тебе“ донираше опрема за гранична полиција - Гевгелија

Видео: Денес во Гевгелија донирана донација вредна 3,7 милиони евра на Министерството за внатрешни работи на РМ од страна на Европската унија 

Повеќе

ДИК во оставка

На првата наредна седница на Собранието на РМ треба да ги констатира нивните оставки

Повеќе

Утре 5 улици од Гевгелија без вода

За утре е најавен прекин на водоснабдување во централното подрачје на Гевгелија

Повеќе

Тројца членови од ДИК поднесоа оставки

Чичаковски, Дума и Милев подлегнаа на јавниот притисок и сами поднесоа оставка 

Повеќе

ДПМНЕ ќе бира нов лидер на 23 декември во Валандово

Вонредниот конгрес за избор на нов лидер на ДПМНЕ ќе се одржи во Валандово на 22 и 23 декември

Повеќе

Буџетот на општина Гевгелија за 2018 тежок 15,7 милиони евра

Советот на општина Гевгелија даде зелено светло за нацрт буџетот на општина Гевгелија за 2018 година, кој во приходната страна има проекција од 15,7 милиони евра (965,5 милиони денари)

Повеќе

Заев: Никој нема да биде изземен од одговорност за корупција

ВИДЕО: Мораме да дејствуваме одлучно и со нула толеранција кон корупцијата - (Премиерот Заев)

Повеќе

Протестен марш: СТОП за Казандол!!!

Утре напладне, во Валандово се организира Голем протестен марш за ИТНО запирање на Рударскиот комплекс КАЗАНДОЛ!

Повеќе

Советниците на ДПМНЕ во Гевгелија ја напуштија 4-та седница

Во знак на протест со напис на столчињата во салата за седници „Слобода за нашите браќа и сестри македонци!“ членовите на Советот на општина Гевгелија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија денешната

Повеќе

Правописот на македонски јазик од денес бесплатно на интернет

Ова е последното, второ проширено издание на Правописот, од март 2017

Повеќе

 

 
 
 

Не пропуштајте ...

2014 Сите права задржани © ГевгелијаНет
Не е дозволено превземање на вестите без писмено одобрување.