И годинава, по трет пат ќе се доделуваат субвенции за набавка на велосипед на граѓаните од општина Гевгелија, од средства од локалниот Општински Буџет.
Општината огласи ЈАВЕН ПОВИК кој почнува да тече од денеска, а ќе трае до искористувањето на сите планирани буџетски средства за оваа намена, во вкупен износ од 500.000 денари. Ова е согласно донесената Одлука на Советот на Општина Гевгелија на 42 седница,одржана минатиот месец.
Право на аплицирање имаат граѓаните на општина Гевгелија, кои купиле велосипед во периодот од 1 април се до потрошувањето на средствата во висина од 500.000 денари од Општинскиот буџет за 2024 година предвидени за оваа намена, освен вработените во општинската администрација и членовите на нивните семејства, како и лицата кои минатата година добиле субвенции за велосипед.
Висината на субвенционирањето изнесува 5.000 денари поединечно по апликант, што значи со оваа мерка за поттик за користење на велосипеди како превозно средство кое не ја загадува животната средина ќе можат да бидат услужени вкупно 100 корисници, жители на општина Гевгелија.
Аплицирањето за субвенции за набавка на велосипеди ќе се врши во зградата на Општина Гевгелија, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот.
За добивање субвенции за набавка на велосипед потребно е да се приложи следната документација:
– копија од важечка лична карта или патна исправа,
– копија од трансакциска сметка,
– изјава за давање согласност за користење лични податоци,
– потврда од Општина Гевгелија дека е платен данокот за имот за станбениот објект во кој живее,
– доказ (фискална сметка или фактура) дека велосипедот е купен од трговци кои дејноста ја обавуваат на подрачјето на општина Гевгелија,
– барањето за добивање субвенции и изјавата за согласност за користење на личните податоци можат да се преземаат од веб-страната на Општина Гевгелија или да се подигнат од пултот во ходникот на Општина Гевгелија.
Барањата од Јавниот повик ќе бидат разгледани по редослед според датумот и времето на пристигнување, односно според принципот „прв дојден, прв услужен“.
Станете и Вие дел од големата слика за „Гевгелија – вело град“!