На 7 Ноември годинава Гевгелија одбележува 80 години од влегувањето на партизаните во градот и ослободувањето на Гевгелија.
Овој значаен и честит настан за нашата општина се одбележува секоја година, а годинава по повод 80 годишниот јубилеј ќе добие и осумдневни чествувања со културни, музичкии спортски настани.
Програмата ќе трае од 4 до 11 Ноември, а уесници во истата ќе бидат локални изведувачи, професионални ансамбли, ученици, деца, спортисти од цела Македонија.
Почетокот на културно-уметничките програмски чествувања ќе започнат со Изложба и концерт на етнокореолошкиот сектор при ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, коишто ќе се одржат во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 19:00 часот.
На 5 ноември 2024 година ќе гостува ансамблот при НУКЦ „Трајко Прокопиев“- Куманово со театарската претстава „Како што сакате/ Ноќ спроти Водици“, во режија на Срѓан Јанаќијевиќ. Претставата ќе започне во 20:00 часот, а ќе се изведе во Народниот театар- Гевгелија.
На 6 Ноември се одржува традиционалната Годишна изложба ДЛУГ со презентација на уметнички дела од гевгелиските ликовни уметници. Изложбата ќе биде отворена во галерија „Амам“ во 20:00 часот, а организатор е НУ Музеј- Гевгелија.
Празничниот ден, Општинскиот празник 7 Ноември ќе биде во чест на ослободителите, борците за слобода за време на Народноослободителната борба (НОБ), жртвите од Gевгелија и гевгелиско, со искажување почит преку полагање свежо цвеќе на спомен обележјата, настанот започнува во 11:00 часот. Потоа, пред платото на Народниот театар- Гевгелија, во 12:00 часот, ќе следува традиционално училишно дефиле.
Истиот ден во 19 часот ќе се одржи Свечената седница на Советот на Општина Гевгелија, на којашто ќе бидат доделени Општинските „7 Ноемврики награди“.
Вечерта, по свечената седница ќе следува премиерна изведба на балетската поставка „Исповед“ во продукција на Национална опера и балет. Кореограф е Саша Ефтимова.
На 8 октомври 2024 година, во Народниот театар- Гевгелија, гевгеличани ќе имаат можност да го проследат Концертот на Градскиот мешан хор „Гортинија“, почнувајќи во 19:00 часот.
Второто издание на инклузивната трка “Run together” заедно со детските трки од Атлетската трка „November run Gevgelija 2024“ ќе се одржи на 9 ноември 2024 година, пред платото „Сава Михајлов“. Инклузивната трка ќе започне од 13:30 часот, а по нив детските трки во повеќе категории, во времетраење од половина час.
На 10 ноември 2024 година, е атлетската трка “November run Gevgelija“, на 5 и 10 километри во женска и машка конкуренција, во организација на Атлетскиот клуб „7 Ноември“- Гевгелија. Ќе започне од 09:00 часот, исто така, пред платото „Сава Михајлов“. Каде што во 10:30 часот ќе бидат прогласени победниците на 4. издание на трката „7 Ноември“.
Вечерта, на 10 ноември 2024 година, во организација на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, следува „Фолклорен ѓердан“– целовечерен концерт на домашни и странски фолклорни ансамбли и културно-уметнички друштва. Ќе започне од 20:00 часот, во Народниот театар- Гевгелија.
Седмоноемвриското чествување ќе заврши на 11 ноември 2024 година, со Книжевен портрет на авторот на книги за деца, Горјан Петревски, во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, којшто ќе се одржи во Народниот театар- Гевгелија, почнувајќи од 19:00 часот. Промотори на книжевниот настан ќе бидат проф. д-р Васил Тоциновски и проф. д-р Јованка Денкова.
Сите културно-уметнички настани се бесплатни, влезот е слободен.