Повторно се запали локомотива на Македонски железници, овој пат се запалил машинскиот дел од локомотивата која сообраќала од Скопје кон Гевгелија.
Во полицискиот извештај на МВР стои заведено дека:
– „На 28.05.2025 во 20:20 часот е пријавено дека помеѓу Железничка станица Миравци и Смоквица настанал пожар на машина од воз кој сообраќал на релација Скопје – Гевгелија. Од страна на Територијалната противпожарна единица пожарот е изгаснат. Нема повредени лица“ – се вели во извештајот на МВР..
Од ТППЕ Гевгелија изјавуваат дека на терен синоќа биле 3-ца пожарникари со едно Противпожарно возило. Се интервенирало со ПП апарати за да се изгасне огнот во машинскиот дел, а потоа била употребена и вода. После интервенцијата која се одвивала во период од 20:20 до 21 часот локомотивата со вагоните е пристигната на ЖС Гевгелија. Овде продолжила интервенцијата за санација на дефектот и подетална поправка на машината.
Патниците пристигнале безбедни дома.