Православните христијани во петок и сабота ја празнуваат Задушница, а во недела Педесетница или Духовден. Празникот Задушница се одбележува во чест на душите на мртвите.
На Задушница се сеќаваме на блиските лица кои се починати, ги посетуваме нивните гробови и палиме свеќи за покој на душата. Тоа е ден посветен на молитивите за покојните роднини и пријатели.
На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.
На Задушница во црквите се служи парастос на кој свештеникот со вино прелива пченица, а после службата се оди на гробовите на блиските, каде се пали свеќа и се чита молтива. Кој не може да оди на гробишта, тој пали свеќа во црква.
Еден од највпечатливите обичаи на Духовден е преливањето со црвено вино – ритуал кој симболично ја поврзува крвта на Христос со вечниот живот.
Се преливаат гробовите, а на посетителите им се делат варена пченица, погачи и вино „за душа“. Сè што се дава, се прави во име на некој починат член од семејството.
Обичај е на гробишта да се носи онолку свеќи колку што гробови се посетуваат.
Доколку на гробот некој му пријде од страна и се понуди да земе храна, иако е туѓинец, на овој ден никако не се одбива. Се верува дека е голем грев ако на Задушница некој на гроб одбие да земе храна или пак избрка туѓинец од гробот.
Денеска во манастир „Свети Спас“ Гевгелија ќе се одржи парастос за упокоените во 17:30 часот, а молитва на гробишта во 18:00 часот. Во сабота ќе се одржи Света Заупокоена литургија во 07:00 часот, парастос во црква во 08:00 часот, а молитва на гробишта во 08:15 часот. На молитвите се носи пченица и вино.
Ако не можеме да ги посетиме гробните места на блиските заминати, се пали свеќа во најблискиот црковен храм за Духовден – за спокој на душите на упокоените.