На терените на х. „Галеб“ во Струга вчера започнаа 37-те Републички спортски игри на лицата со телесен инвалидитет кои ќе траат до 22 јуни. Организатор на настанот е „Мобилност“ Македонија, а овде учествуваат и членови од „Мобилност“ Гевгелија кои ќе земат учество во натпреварувањата во три спортски дисциплини.
Боите на „Мобилност“ Гевгелија на спортските терени ќе ги претставуваат 7 (седум) учесници кои минатиот месец имаа опсежни подготовки за овој спортски настан. Тоа се:
– Илчо Кангов – ќе настапи во дисциплината „пинг понг“ ;
– Благица Ѓоргиевска, Горан Џелајков и Тамара Гошева – дисциплина „стрелаштво“;
– Даниела Гошева Кангов, Александар Талески, Никола Пеев, Тамара Гошева, Благица Ѓоргиевска и Горан Џелајков – ќе настапат во дисциплината „атлетски повеќебој“.
Екипата на „Мобилност“ Гевгелија ја сочинуваат членови на Здружението на граѓани од 4-те општини од регионот, од: Гевгелија, Богданци, Дојран и Валандово, како претставници на Југоисточен Регион.
Игрите, иако наречени републички спортски собир имаат и меѓународен карактер со тоа што на истите учествуваат и лица со инвалидитет од уште пет балкански земји, така што покрај тимови од „Мобилност“ Македонија на игрите учествуваат и тимови од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Бугарија.
Натпреварите ќе се одвиваат во шест спортски дисциплини: стрелаштво, пинг понг, атлетски повеќебој со фрлање копје, фрлање ѓуле и фрлање диск.
Посакуваме спортска среќа, бистро око и снага на учесниците од „Мобилност“ Гевгелија и среќа во спортскиот настан на сите учесници!!!