Kино „Култура“ Гевгелија - некогаш и сега

Среда, 03 Јули 2019

Познатото кино „Култура“ во Гевгелија беше место за забава, едукација со подвижни слики и поврзување со светот, место на првите состаноци со симпатиите, место на една младост незаборавена.

Започна да функционира во годините после војната, поточно во 1956-та и стана тренд на младите, а и повозрасните да се посети и да се ѕирне во светот на некои други простори. Беше лоциран на главната улица во Гевгелија „Маршал Тито“ со влезна врата кон холот на киното од самиот тротоар. На двете страни од киното стоеја стаклени витрини како прозорци, ама заѕидани и на нив се истакнуваше плакатот за филмот кој ќе се прикажува тековната недела, а на витрината од другата страна беа истакнувани рекламните плакати (постери) за филмот кој ќе следува и ќе се прикажува следната недела. На западниот дел од просториите на кино зградата имаше мало прозорче за билетара. Овде се купуваа билетите за цело друштво. Еден чека ред, а купува карти за сите од друштвото. Се чекаше и со саати, а за тоа време друштвото шеташе корзо долж лицата „Маршал Тито“.

На филмското платно гевгеличани ги запознаа Тарзан, Џејн, мајмунот Чита и сите негови случки и успеси во џунглата, ронеа солзи на индискиот филм „Bidai“ (Разделба), оти и во филмот сите глумци плачеа, потскокнуваа на пукањата од револвер на каубојците, особено на гласот на Џон Вејн, ги научија покретите на Брус Ли и напреднаа членувањата во карате клубот во Гевгелија заради тој успешен филмски херој... се воодушевуваа на убавината и ритмиката на „Бал на вода“ и грациозноста на Естер Вилијамс.

На лето, проекциите беа во летната бавча, каде на отворено небо се доживуваше гонењето на каубојците и индјанците, тешките и жешки маки на херојот од „Точно на пладне“. Напред имаше клупи, па на шега гевгеличани велеа дека таму е за дебелите на кои едно столче им е мало за да се сместат. Околните куќи покрај летната кино бавча, од балконот на семејната зграда ги следеа бесплатно сите филмски проекции, без билет. -„Што им е гајле што киното нема ограда од десет метри височина?!“

Секојдневно, на пат до дома учениците и средношколци можеа да видат кој е новиот плакат за филмот кој ќе се прикажува во киното. На тротоарот на „Маршал Тито“ треба само да подзастанеш да го видиш насловот и подоцна, во текот на денот, да ги договориш другарите, другарките да одите заедно на филмската проекција.

И така до новото столетие, не издржа киното. Од една страна го однесе денационализацијата на имотот која се спроведуваше во државата, по пат на закон за враќање на национализираниот имот после војната. Наследниците на сопствениците кои овде имаа свој магацин ја добија назад во сопственост зградата на киното „Култура“, но не и просторот од летната кино бавча. Таа потпадна под просторот на веќе изградениот Градски трговски центар, популарно наречен од гевгеличани „Лепа Брена“ заради белите цигли кои ја красат неговата фасада, а е на местото на аптеката, влезот и околните кафулиња.

Неколку месеци па и година по денационализацијата просторот остана затворен, подоцна се реновираше, па се отвори бутик на два спрата, поголем од некогашната „Стоковна куќа“ каде се облекуваше цела Гевгелија и ... замислете, дали поради неекономичност на бутикот, или понуда која не се одбива, или план за поработување додека се добие лиценца за работа со дејноста „игри на забава“, обновената зграда на киното стана простор за игри на забава - поточно казино.

Сега младите секој ден од училиште по патот за дома место понуда за филмска забава од излогот на киното, имаат реклами, сликовни пораки, видео најави, светлечки замешетелства за привлекување на забава со игри на среќа.

Сопствениците сами бираат за што ќе го употребат просторот што им е вратен во сопственост. Но, младите како да немаат избор за филмска забава, а помладите пак и воопшто не знаат дека на овој простор некогаш имало кино.

За времињата кои се менуваат ова е само потсетник дека и Гевгелија се менува, културните навики се менуваат за жал зашто е одземен еден културен простор без да биде заменет со друг културен простор и понуда на кино проекции. Ова во контекс дека денеска во Македонија започнува летната кино проекција на отворено „Македокс“, ама таа ќе гостува низ охридско-преспанските села низ Македонија и Албанија. Гевгелија градот на свилената буба, на мануфактурното производство, на првата железничка линија која го поврзува со европските метрополи, градот на песната и забавата прераснува во град кој мисли на задоволствата на меѓународните казино гости, со постоењето на седум казино простори само во градот, а уште 5 на локација кај Граничниот премин Богородица, а зголемувањето на културните понуди за своите жители како да треба да чека некое подобро време.

Гелеријата подолу е новиот изглед на зградата на некогашното кино со влезниот простор од тротоар директно во авантурите со казино „Адмирал“.


Last modified on Среда, 03 Јули 2019 - 20:43

.

.


ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ:

Нова група јасли во Детската градинка во Миравци

Во полн ек се подготовките за реновирање, адаптација и опремување на просторот

Повеќе

Честит 11 октомври!

Денот на народното востание на македонскиот народ 11 октомври денеска се

Повеќе

Одбележувања на Детската недела во Гевгелија

Со свечен прием на 170 првачињата од основните училишта во Општината во

Повеќе

Владата одлучи: За 10 проценти поголеми плати во образованието од април

Владата вчера на седница ја разгледа и усвои информацијата за покачување на

Повеќе

Поцков: Гевгелија е веќе на прав пат

Со проектите што ги спроведува општина Гевгелија на терен како во областа на

Повеќе

Граѓанска трибина „На прав пат“ во Гевгелија

Новата кампања на СДСМ со слоганот „На прав пат“ вечерва беше промовирана и во

Повеќе

Облечете се потопло денеска и понесете чадор - студот од Европа ќе донесе ниски

Многу студена впздушна маса која е со потекло од Арктикот, уште во текот на

Повеќе

Државниот секретар на САД Мајкл Помпео во посета на Македонија

Американскиот државен секретар Мајк Помпео пред два часа пристигна во Охрид,

Повеќе

Собранието изгласа покачување на платите на јавната администрација

Со 82 гласа „за", без воздржани и против, Собранието на денешната 115-та

Повеќе

Се уредува нов детски парк во Миравци


Деновиве, во тек е уредување на нов детски парк за најмладите жители на

Повеќе

 
 

 
 

Не пропуштајте ...

2014 Сите права задржани © ГевгелијаНет
Не е дозволено превземање на вестите без писмено одобрување.