Цветот на слободата - некогаш импозантното уметничко дело на скулпторот Јордан Грабул, изграден 1969 година, дело кое ја симболизира слободата, посветен на паднатите 95 борци од гевгелиската околија во борбата против фашизмот, денеска низ својата шуплива лимена конструкција и по некое парче метал останато на врвот сведочи за денешното време.
Денеска е 7-ми Ноември, Денот на ослободувањето на Гевгелија. Ден посветен во слава на освоената слобода, за која свој придонес и жртва имаа токму борците во чија чест и слава е посветен споменикот.
На висините на Мрзенски рид, каде од 2003 година е дислоцирано ова уметничко споменично здание од неговото прво пребивалиште на Вардарски рид, споменикот беше нем сведок на новото време - пуштањето во употреба на новите бунари кај Вардар, со резервоар на тлото на Мрзенски рид, хлорна станица и цевковод до главната водоводна мрежа за потрошувачите. Настан важен за животот на Гевгеличани кои ќе ја користат водата од бунарите, чиста и без арсен.
Времиња нови. Средства обезбедени од Светска Банка, Европската Унија, Владата и Општина Гевгелија.
Добро е кога сите фактори одвојуваат за подобрување на квалитетот на живото на граѓаните, а чистата вода е еден од приоритетите. Без вода не се живее, а без здрава вода нема здрав живот.
Без слобода? Се живее ама под туѓа чизма, во ропство и подаништво.
Градители наши!
Не ги заборавајте тие кои ја изборија слободата за сите нас. Слободата е за сите, а цветот не е цвет со „штрба“ структура на споменикот „Цветот на слободата“ без неговите лимени латици. Да ги чуваме, одржуваме и обновуваме спомениците во спомен на тие кои пред 74 години ни ја овозможија денешницата и новата иднина, за новите генерации и новите достигнувања и растежи на Гевгелија.
Фото: Од денешното свечено пуштање во употреба на новиот водоснабдителен систем - бунарите кај Вардар, сместени во месноста Мрзенци - Споменикот „Цвет на слободата“ со својата монументална големина ѕирка и од другата страна на Мрзенски рид, над таблата со податоците за проектот и изведувачите
Споменикот „Цвет на слободата“ лоциран на Мрзенски рид, во целата своја големина и беда од негрижа