Подвижните слики од кутијата наречена телевизор беше доживување и статусно достигнување за семејствата во 60-те години од минатиот век во Гевгелија.
Да се има телевизор значеше напредок, информираност, поврзаност со настаните од другите републики во тогашната СФРЈ, настани од светот, културни, драмски и филмски програми. Музичките Фестивали беа посебно доживување, потоа квизовите, (познатиот „Квиско“), спортските натпревари „Јадрански средби“ пренесувани од националната телевизија ЈРТ (Југословенска Радио Телевизија) во чиј состав работеа републичките медиумски куќи, а една од нив беше и МРТ (Македонска Радио Телевизија).
Првото емитување на телевизиска програма на територијата на некогашна СФРЈ беше на 23 август 1958 година. Тогаш телевизорите биле скапи и ретки. Поголема купопродажба започнала во 1964 година за следењето на атрактивните Олимписки игри.
За да го имате сето тоа дома ви требаше телевизор. А, за да го купите доста пари издвоени од семејниот буџет. Па, кога веќе ќе го донесевте дома, ееее тоа беше маалски настан. Сите се собираа да го извадат „чудото“ од кутијата. Едни му се чудат како е спакуван. Други, каква е оваа црна кутија. Трети не ги ни чепкаат страниците од кутијата за да направат простор за ракохват и подигнување на телевизорот од спакуваната кутија, да не ја растурат кутијата, четврт за мајтап носи голем стап да го крене по системот на лост. Се' е наука, и мерак, и забава и многу насмевки за новото доживување во маалото. Оти, ако се поднови еден домаќин од маалото со телевизор, за да се пофали пред другите многу вечери заедно со комшиите и пријателите ќе гледаат телевизиска програма заедно. Помалите генерации од тие далечни 60-ти години се сеќаваат дека летото заиграни во двор, ако се прашнави и со боси нозе, домаќинот немаше да ги пушти внатре да гледаат цртан филм, туку ќе им ја отвореше вратата од својот дом и преку скалите од домашниот праг ќе гледаа сите насобрани.
Времиња- милина. Никој не го сваќаше тоа за навреда. Напротив, комшијата им дозволил да ѕирнат во шарените слики од новата технологија која дојде во гевгелиските домови. Бурлеските со Чарли Чаплин, неспретните Олио и Станлио, па вечните ривали Том и Џери ... Навечер програмата завршуваше во 24 часот и преносот се исклучуваше. Екранот стануваше како снег со неподнослив тон кој ќе ве разбудеше ако сте заспале случајно пред телевизорот. И, моравте да заминете на спиење.
Во актуелното совремие со напливот на комуникации, технологии за размена на податоци со слика, тон и видео, интересно е да се спореди дожувувањето од едно некогашно време.
Немите филмови ги заменија звучни, црно-белата слика стана во боја, телевизорите наместо со електорди денеска се со плазма екрани. Некогаш првите слики се движеа со брзина од 12,5 слики во секунди, денеска преносот изнесува околу педесет слики во секунда.
Смартфоните пак се сосема друга приказна, Наместо да одите кај комшијата на гледање телевизија, сите податоци и контакти ги носите со себе. Напредок, или терет на новото време - се да гледате и читате сам, без друштвото на околината која ја интересираат истите работи како вас. Современото време носи технички подобности и брзина на комуникација, која за жал најчесто го исклучува личниот контакт, споделениот збор заедно во доживувањата преку колективното дружење, комуникации и запознавања помеѓу себе.
Посветено на едно мирно и среќно време, а инспирирано од сегашноста која врие од вести кои се менуваат од час во час, од лажни вести кои го обиколуваат светот, од постови со кои некои мислат дека го менуваат светот, со експлозија од гнев и омраза која со ништо не сме ја заслужиле да ни ја сервираат секојдневно мрежите за социјална комуникација.
Затоа, посетете никој/и свој/и мил/и и драг/и, споделете муабет во живо и разменете информации без технологијата која ја ограничува личната комуникација.