Сезоната на јаболките започна. По пиљарите ги има разни сорти, но за рецептот на домашна штрудла со готови купечки кори ви предлагаме да одберете малку покиселести сорти, по к'рсатки, што велат постарите, за подобар вкус, да не' ве „убие“ благото. За подготовка ќе ви требаат следните
Состојки:
500 гр кори за пита
1 кг јаболка (покисели)
2 лажици шеќер
1 лажичка цимет
150 мл зејтин
100 мл кисела вода
100 гр. ситно сецкани ореви
50 гр шеќер во прав
И, почнуваме со подготовка.
Јаболката се лупат и се рендаат на покрупната страна од рендето. Врз изренданата јаболка се додава шеќерот, циметот, ситно сецканите ореви и убаво се промешува.
Се реди првата кора и се премачкува со зејтин. Над неа се става втора кора која исто се премачкува со зејтин и се покрива со третата кора. На третата кора по ивицата се става околу 4 лажици од јаболката и се витка во ролат. Истото се прави и со останатиот дел од корите.
Постапката може да ја направите и со по две кори свиткани во ролат, што зависи од тоа колкав плех сте одбрале за печење, и дали од 500 грама кори ќе направите 7, или 10-11 ролни со јаболка.
Значи, во претходно подмачкан плех со зејтин се редат корите свиткани во ролати. Пред печењето ги сечеме ролатите на парчиња по желба и се попрскуваат со преостанатиот зејтин измешан со киселата вода.
Се пече на 200 степени околу 20-25 минути.
Откако ќе се олади печеното се наросува со шеќер во прав и се служи.
За триесет минути работа добивате лесен десерт. Ако ви здосадија наполитанките од дуќан, пробајте да се засладите и да ги изнанадите домашните со штрудлата со јаболка. Ќе ви бидат благодарни сите што ќе ги почестите со новоподготвеното домашно благо.