Секој од нас има свој век за радување, самување и страдање

Петок, 24 Јануари 2014

Сите ние имаме свој век, кој не секогаш се поклопува со животниот век или со било кој век меѓу вековите. Секој од нас има свој век за радости, за страдања, за бегства и враќања, секој од нас има свој век со самици, век за молк и вознес, за смеа и плач, век за пишувања долги, бескрајни писма, век за раѓања, за умирања и повторни раѓања, секој од нас има свој век за самување – вели писателот и поет Веле Смилевски

Сите ние имаме свој век, кој не секогаш се поклопува со животниот век или со било кој век меѓу вековите. Секој од нас има свој век за радости, за страдања, за бегства и враќања, секој од нас има свој век со самици, век за молк и вознес, за смеа и плач, век за пишувања долги, бескрајни писма, век за раѓања, за умирања и повторни раѓања, секој од нас има свој век за самување – вели писателот и поет Веле Смилевски.

Вие сте плоден автор. Имате објавено над триесетина дела од областа на поезијата, критиката, есеистиката, книжевната наука и журналистиката, но автор сте само на еден роман, на романот „Полицајка во кревет". Зошто дури сега доаѓа првиот роман?

- Еден од ликовите во романот "Полицајка в кревет" вели дека "нашите животи се дел од незавршени приказни" и дека некогаш "некој друг ќе ги надополнува празнините во тие приказни". Ова упатува на фактот дека тој некој друг е, всушност, писателот. Романот "Полицајка в кревет" има своја предисторија. Тој е резултат на идеите кои во мојот творечки опус имаат свој континуитет. Со оглед на тоа дека жанрот е форма на изразување на идеите, јас почувствував дека романот сега ми ја дава таа шанса, преку епското платно да го надополнам тој проект со нови сознанија што се резултат на творечките и животни искуства од средината на седмата деценија од мојот живот. Да бидам поконкретен: Основната идеја врз која е изграден романот "Полицајка в кревет" своите основи ги има во поетските книги "Кафез" и "Диши длабоко", објавени во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век, за да продолжи таа идеја во стихозбирката "Забранета книга" и конечно во поемата "Век за самување". Самите наслови на овие книги упатуваат на идејата за слободата како состојба и за слободата на уметничкото изразување на таа состојба. Првата компонента е егзистенцијална, а втората творечка. Во уметноста двете компоненти функционираат како целина, тие взаемно се надополнуваат и доречуваат низ естетиката, сознанијата и пораките на пишаниот збор.

Издавачката програма на Министерството за култура остава впечаток за „распишана" нација. Како го отценувате квалитетот на таа продукција?

Во распределбата на средствата за издавачка дејност се оди во широчина по системот „На секого по нешто". Таквиот принцип, остваруван најверојатно со добра намера да се задоволат барањата на учесниците во творечките процеси, го доразнебитува мошне сиромашниот буџет, планиран за културата. Во исто време тоа значи и уривање на критериумот на вредности. Но, сепак, најважно е дека кај нас и во такви услови се појавуваат добри дела во една се понагласена жанровска, содржинска и стилско-изразна разнообразност. Тие дела се прилог во развојните процеси на современата македонска култура.

Каков роман е „Полицајката во кревет"? На едно место велите: „романот е, всушност, потресна приказна за балканската крстосница на трговијата со жени." За што се работи?

- Точно, "Полицајка в кревет" е потресна приказна за балканската крстосница на трговија со жени. Идејата на романот се развива преку главниот лик Полицајката која е бележана заради својата вклученост во организираната акција со која на проституцијата треба да и се обезбеди третман на професија. Првите закани уследуваат по успехот, а Полицајката си припишува дел од тој успех себеси, кога проституцијата од Заводот за статистика во Стандардната класификација е заведена во графата на занимања како професија. Веднаш потоа на Фејсбук се појавуваат монтирани фотографии со нејзиниот лик и со голо тело на жена на кое преку срамното со големи цифри е запишана шифрата 5169.03. Полицајката знае дека тоа доаѓа од колеги од Центарот за анализа и спречување на трговија со луѓе, кои сметаат дека таа работи спротивно на одредбите на Кривичниот самоисповед, нејзиниот резон ја истакнува токму таквата спротивност: "Тие не можеа да ја разберат и да ја прифатат мојата борба за човековите права, вели Полицајката. Ме сместуваа во сферата на граѓанскиот сектор и велеа дека таквата активност се коси со работата во нашата професија. Тие повлекуваа црвена линија меѓу професионалното и човечкото. Тие не можеа да разберат дека не постојат графи кои ќе ја заробат хуманоста и желбата да им се помогне на оние кои работат за да преживеат, скршени во своето достоинство. Ме убиваше нивното лицемерие, бидејќи во секојдневната работа, во тој сложен и необјаснив сплет од околности и соодноси, сите ние се проституиравме на различни начини".

Според вас, што е на крајот од оваа година, вистинското пријатно изненадување во македонската литература и култура?
- За мене вистински настан, пријатно изненадување и надеж дека може да се направи сериозен чекор напред во културата е неодамнешното отворање на новиот Автономен културно социјален центар (АКСц) во Скопје. Непрофитна асоцијација исполнета со густ сплет од идеи, чии носители се млади луѓе, е основната карактеристика на овој нов импулс на културното живеење во Македонија. Треба да им отстапиме простор на младите, тие со своите иновантни идеи и потенцијали можат да направат многу.

Минатата година, за поемата „Век за самување" , ја добивте наградата Григор Прличев, а неодамна во издание на „Дијалог", ја објавивте стихозбирката „Век за приказ". Што донесува Вашиот најнов поетски ракопис?
- Да, почестен бев со престижната награда "Григор Прличев" за поемата "Век за самување". Гордо го понесов ова признание со името на Григор Прличев, најблескавата творечка вертикала на македонскиот деветнаесетти век. Поемата "Век за самување" и новата книга "Век за приказ", кои според основните преокупации претставуваат своевидна целина, синтетизират дел од моите животни и творечки искуства. Сите ние имаме свој век кој не секогаш се поклопува со животниот век или со било кој век меѓу вековите. Секој од нас има свој век за радости, за страдања, за бегства и враќања, секој од нас има свој век со самици, век за молк и вознес, за смеа и плач, век за пишувања долги, бескрајни писма, век за раѓања, за умирања и повторни раѓања, секој од нас има свој век за самување. Мојот "Век за самување" е прелудиум на благото успение од ракописот на ноќта во книгата на Судниот ден и затоа велам: Сега сум прогонет во себе. Колкава е големината на тоа Сега во Вечноста и колку е невидлива Вечноста во оваа Сега? Преокупација која своите корени ги има во стихозбирката "Забранета книга" за која на јубилејните, педесетти Струшки вечери на поезијата, ја добив наградата "Браќа Миладиновци", за најдобра поетска книга во Македонија.

"Никогаш последна песна". Мислам дека овој наслов кажува многу, а својата основа ја има во сентенцата на Блаже Конески: "Во поезијата, како и во љубовта, е се речено, а сепак треба се допрва да се рече".
Ќе одиме ли понатаму? Кој (што) ќе биде Вашиот нареден период?
- Во контекстот на вашево прашање ќе потсетам дека поемата "Век за самување" завршува со стихот "Книга отворена", а во романот "Полицајка в кревет" последното поглавје носи наслов: "Прва страница од романот што ќе го напишам". Моите дела се отворени дела за доречување. Таа отвореност јас ја почитувам, а тоа ме држи во една активна творечка позиција. Неодамна повеќе шеговито изјавив дека на пуст остров би заминал со "Полицајка в кревет" и со ракописите од двата тома од трилогијата на кои сега работам. Имено, во овој период посебна преокупација ми е вториот дел од романот "Полицајка в кревет". Ликовите во "Полицајка в кревет" се живи и тие бараат простор за живеење, тие бараат слобода да го изживеат својот живот таков каков што е. Јас сум должен кон тие луѓе да им дадам право да живеат во литературата, автентично и сугестивно. Од друга страна, поетската трилогија "Час по поезија" ја завршив со песна што носи наслов "Никогаш последна песна". Мислам дека овој наслов кажува многу, а својата основа ја има во сентенцата на Блаже Конески: „Во поезијата, како и во љубовта, е се речено, а сепак треба се допрва да се рече".

Проф. д-р Веле Смилевски
Поет, литературен критичар. Роден во Битола, каде завршил основно и средно образование, а Филолошки факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје. На истиот факултет докторирал во 1992 година. Работел во Нова Македонија, Мисла и Радио Скопје. Сега е научен соработник во Институтот за македонска литература и предавач на Факултетот за Новинарство во Скопје. Во 1989-1990 година бил на студиски престој на универзитеот Ломоносов во Москва. Автор е на триесетина книги. Добитник е на наградата Крсте Мисирков за најдобра литературна критика во Македонија за 1988 година. Наградата „Григор Прличев" за поемата „Век за самување". Неодамна ја објави стихозбирката „Век за приказ". Застапен е во бројни антологии. Веле Смилевски неодамна го објави првиот роман „Полицајка во кревет"

Извор: Деница/Атанас Тасевски

 

Last modified on Петок, 24 Јануари 2014 - 02:33

.

.


ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ:

Инфраструктурно улично подобрување во Прдејци

По дводневна акција денеска заврши бетонирањето на уличен крак во населеното

Повеќе

Дезинфекција на јавните површини во Гевгелија

По налог на Општинскиот штаб за заштита и спасување денеска започна да се

Повеќе

Донација од 40.000 евра од Групацијата „Новоматик“ за Општа Болница Гевгелија

Еден месец по официјалната најава на својата одлука да донираат 200.000 евра

Повеќе

Јавното обвинителство отвори предмет против митрополитот Агатангел

Основното јавно обвинителство Велес отвори предмет по допрен глас по објавите

Повеќе

Трета акција за уништување на комарците во Гевгелија и ЈИ регион

По извршени две последователни лаврицидни прскања против комарци на места

Повеќе

Започна ревитализацијата на патот Богородица-Стојаково

Градежната оператива на „ЖИКОЛ“ ДООЕЛ Струмица од денеска е на терен со

Повеќе

Владата донесе забрана за одење на гробишта викендов на цела територија

Во петок е задушница, а во недела Духов ден. Во пресрет на овие народни

Повеќе

МВР против МВР на „Боемска“ – СВР и ЕБР ги чекаат снимките од камерите

Пазарната полиција не можеше да влезе во угостителскиот објект на улица

Повеќе

Во изолација 60 полицајци на служба во Гевгелија

Околу шеесетина полицајци кои ја чуваат јужната граница на Македонија поради

Повеќе

Шести ден протести во САД кои зафатија 25 држави

Смртта на George Floyd од рацете на полицијата во Минеаполис предизвика широки

Повеќе

 
 

 
 

Не пропуштајте ...

2014 Сите права задржани © ГевгелијаНет
Не е дозволено превземање на вестите без писмено одобрување.