Без чад од ќумбиња, на кои традиционално се вари мераклиското слатко од зрели смокви, годинава фестивалот на смоквата во Гевгелија е придружено со забавна програма и организирана понуда на ова традиционално слатко за добредојде во секоја куќа од гевгелискиот крај.
Натпреварувачите годинава сами го подготвуваат слаткото во домашни услови, а тегла од истото носат на оценување од жири комисијата. Наградите се симболични, но седенката на плоштад со многуте мераклии на овој настан е поважна придобивка на манифестацијата.
Во забавниот дел пред гевгеличани настапија КУД „Бојмија“ со сплет македонски ора. Гости на манифестацијата беа и членовите на групата „Љубојна“ кои со својот асортиман од песни го збогатија забавниот дел од програмата на манифестацијата.
Организаторите, Здружението на граѓани „ТЕРА“ од Гевгелија ја променија локацијата на настанот и, од традиционалниот простор на ракометното игралиште во Гевгелија, пред почетокот на манифестацијата најавија локација на старото градско пазариште, за вечерва „Смоквијадата“ да заживее на таканаречениот мал плоштад „Сава Михајлов“.
Манифестацијата „Смоквијада“ сите години наназад е дел од програмата за културни манифестации кои Општина Гевгелија ги поддржува со средства од Буџетот на општината како манифестација која ги негува културните одличја, карактеристики и посебности на Гевгелија и гевгелиско. За годинашната манифестација Општината одвои финансиска поддршка во износ од 300.000,- денари, а само наградниот фонд изнесува 30.000 денари.
Манифестацијата е се' уште во тек, а слаткото за вкусољубците е на располагање за дегустација.
https://gevgelijanet.com/index.php/2014-01-09-21-20-12/2014-01-14-19-27-55/art/3325-zapocna-smokvijada-2018.html#sigProGalleria18748c3e80