Македонската театарска и филмска легенда Љупка Џундева денеска почина на 84 годишна возраст. Својот професионален театарски и сценски живот го помина на како членка на актерскиот тим на МНТ. Љупка Џундева беше позната по својот сензибилитет, поради што театарските критичари ја нарекуваа „тивката дама на македонскиот театар“. Таа припаѓаше на втората генерација актери на некогашната Висока театарска школа, со што се вклучи и во создавањето на поновата историја на театарската уметност во Македонија.
Нејзината прва улога во театар била во претставата „Ужалена фамилија“ во 1950 година, во режија на Петре Прличко. Учествувала и во снимањето на првиот македонски филм „Фросина“, во 1952 година. Таму некаде, во 50-тите години од 20-от век се и почетоците на нејзината актерска приказна.
Во МНТ работеше во текот на целиот свој професионален живот, од 1951 до 1990 година, кога замина во пензија, настапувајќи во претстави од сите жанрови, работени по текстови од светската класика до домашното драмско творештво. Таа се вгради и во развојот на домашната кинематографија, низ незаборавната улога во филмот „ Мирно лето“ на Димитрије Османли.
Фото: Љупка Џундева со Илија Џувалековски во сцена од филмот „Мирно лето“
Нејзината последна улога на сцената на МНТ, беше во 2015 година, во претставата „Вујко Вања“ од Чехов, во режија на Зоја Бузалковска.
Посмртните останки на Љупка Џундева ќе бидат изложени утре од 11 и 30 до 12 и 30 часот во капелата на градските гробишта во Бутел, а потоа ќе се одржи погребот. МНТ, ќе одржи комеморација за неа, во вторник, на пладне.
Во прлог - фото сеќавање од нејзините сценски изгледи во делата кои ги играше се' до својата 81 година од животот, додека настапуваше на сцена.