Tрадиционално по единаесетти пат и годинава Богданци е собиралиште на графичари од повеќе земји кои десет дена ќе учат и творат во рамките на меѓународната графичка работилница „Софија“. Настанот кој низ годините прерасна во еден од најпрепознатливите уметнички собири на Балканот започна на 22 август и ќе трае до 1 септември.
Настанот кој е единствен од ваков вид на Балканот е инициран од група ентузијасти и вљубеници на уметноста уште во 2008 година и одтогаш во континуитет продолжува со својата уметничка мисија, овде на југот од Македонија, во Богданци.
- „Нашата идеја во 2008 година беше да ја популаризираме графиката како начин на уметничко изразување и да им овозможиме на младите и талентирани автори да разменуваат искуства и да изработуваат графички дела во различни техники. Единаесет години подоцна со задоволство можеме да констатираме дека помогнавме за популаризирање на графиката во Македонија, но и во регионот. Нашата следна цел е работилницата да живее во текот на целата година преку различни активности кои ќе придонесат за промоција на уметноста во нашата земја“, велат од Здружението на граѓани Графичка работилница „Софија“ Богданци, кое е организатор на работилницата.
На годинешната главна сесија учествуваат 17 уметници (графичари) од Македонија и од странство, селектирани од државните ликовни академии во Скопје, Белград, Нови Сад, Ниш, Загреб, Сараево и Софија. Ментор на работилницата е Слободан Радојковиќ, истакнат графичар и професор на Факултетот за уметности во Ниш.
За разлика од претходните години, овој пат ќе се одржат две завршни изложби во градот домаќин на работилницата „Софија“. Првата на 30 август во Домот на културата во Богданци, а наредниот ден делата изработени за време на работилницата ќе бидат изложени во галерискиот простор на Печатница „Софија“ во Богданци. Во нарединиот период планирани се повеќе изложби во градови низ Македонија и регионот.
Во своето досега десетгодишно творење низ годините на одржувањето на Графичката работилница „Софија“ на ова уметничко тло и пред домашната публика во Богданци продефилираа над 170 графичари од целиот регион. Улогата на ментори ја имаа истакнати графичари и универзитетски професори од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина, од тамошните ликовни академии чии студенти и постдипломци се редовни учесници на работилницата.