За два дена две последователни изложби од пред сесијата и главната сесија од 11- тата меѓународната графичка работилница во Богданци "СОФИЈА"
Седумнаесетте уметници кои изминативе десет дена твореа во рамките на 11-та Графичка работилница во Богданци на крајот од август ги изложија своите дела пред уметничката публика во Богданци, најпрво на 29-ти во Домот на културата „Бранд Петрушев“ во Богданци, каде беа претставени дела направени пред главната сесија на работилницата и тоа од уметниците: Виктор Семенпеев, Даниел Манасиев, Марк Јанура, Ана Димчевска-Семенпеева и Сања Жигиќ. Следниот ден делата создадени од главната работна сесија на 11-то издание на работилницата беа изложени во матичниот изложбен простор на печатницата „Софија“.
На отварањето на групната завршна изложбена сесија, менторот Радојковиќ заблагодарувајќи се на соработката пред присутните ја истакна важноста на работилницата „Софија“ во ширењето на графичкиот простор и пријателствата, истражувањето на постојното и потрагата по нови идеи, што секако ќе ги понесат со себе како искуство учесниците на работилницата во местата од каде што доаѓаат и постојано творат.
Организаторот на работилницата, Здружението на граѓани Графичка работилница „Софија“ на сите учесници, 17 уметници (графичари) од Македонија и од странство, селектирани од државните ликовни академии во Скопје, Белград, Нови Сад, Ниш, Загреб, Сараево и Софија, им додели благодарници за учество. Благодарница за соработката и споделувањето на уметничките знаења и вештини со учесниците на работилницата доби и менторот на работилницата, Радојковиќ, истакнат графичар и професор на Факултетот за уметности во Ниш. Благодарниците ги додели претседателот на Здружението, Виктор Семенпеев.