Поради непрофесионалноста и неодговорноста на организаторот, извесен господин Влатко од агенцијата Република од Австралија, трите закажани концерти на ДНК во Сиднеј, Мелбурн и Перт, беа откажани во последен момент. Гореспоменатиот организатор се уште ги нема наведено причините поради кои ја разочара публиката во Австралија која минатиот месец ги очекуваше Панчо и Андреј на концертите за кои официјално беа објавени плакати, а голем дел од картите и распродадени.
- „Разочаран сум од непрофесионалниот однос на организаторот и во наше име им се извинуваме на фановите во Австралија за настанатата ситуација. Ветуваме дека дефинитивно ќе одржиме концерти таму, но со вистински професионалци кои ја знаат својата работа, а не со манипулатори како што беше во случајов“, изјавува Панчо.
На најавените концерти ДНК требаше пред австралиската публика да ги промовираат своите најголем хитови од десетгодишното постоење на дуото .
Во меѓувреме, до реализирањето на концертите во прекуокеанските земји, Панчо и Андреј максимално и се посветуваат на публиката во Македонија и на промовирањето на новите песни од албумот Срце, а подготвуваат и нов сингл што ќе излезе во летниот период.