За Балканскиот славеј не постои дата на умирaње туку само дата на раѓање - така велеа фановите на Тоше не помирувајќи се со неговата прерана смрт.
Од тие мотиви, да го слават раѓањето на најсветлата музичка ѕвезда на овие простори, Општина Крушево заедно со спомен куќата „Тодор Проески“, Меѓународната фондација „Тоше Проески“, ООУ Никола Карев и СОУ „Наум Наумовски Борче“ денеска на неговиот роденден организираат уште едно одбележување на денот на раѓање на Тоше Проески.
Денеска, 25 јануари ќе беше 38-от роденден на Тоше. Ќе ги пееше своите песни, можеби на некој меѓународен концерт. Но, сепак неговите песни одекнуваат незаборавени и денеска и после 11 години од неговото заминување.
Одбележувањата започнуваат во 11 часот со полагање свежо цвеќе на вечното почивалиште на Тоше во Крушево.
Во 12 часот започнува манифестацијата во спомен куќата „Тодор Проески“ на која ќе настапат: Елена Ристеска, Сотираки Чакалар, Марија Котеска, читање извадоци од песните на Тоше од страна на ученици од крушевското средно училиште, а ќе бидат доделени и благодарници.
Во текот на манифестацијата ќе се одвива и креативна работилница во авторство на ракотворци од Битола.
Освен песната и музиката Тоше беше познат и по широкото срце отворено за сите на кои им треба помош, и чест крводарител. Во негов спомен, денеска, петок 25 јануари во спомен куќата „Тодор Проевски“ во Крушево, напоредно ќе се одржи и 12 МЕМОРИЈАЛНА КРВОДАРИТЕЛСКА АКЦИЈА. Истата ја организираат Црвен крст на Република Македонија - Општинска организација Крушево во соработка со Спомен куќа Тодор Проески.
- „За да го почувствуваме присуството на нашиот ангел чувар Тоше меѓу нас, да го продолжиме делото на Тоше, да даруваме крв како би биле горди на самите себе така како што сме горди на него“, порачуваат организаторите.
Вратите на спомен куќата за доброволците крводарители се отворени од 09-16 часот.