За одлагањето на пуштањето во функција на новите бунари кај Вардар градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, на прес средба со медиумите одговори дека истото е поради грешки во проектот во техничкиот дел и во нецелосните финансиски планирања од минатата локална власт, кои барале дополнителни интервенции:
- „Околу обвинувањата на локалната опозиција за водоснабдителниот систем дека се одлагаа работите на два пати, ќе речам точно е дека имаше одлагања, но тоа е заради проблеми во техничкиот дел, имаше проблеми и во финансовиот дел. Советот донесе одлука на последната седница за одвојување дополнителни 5,3 милиони денари за електричен довод и доплата на изведбените работи. Освен тоа, имаше и грешки во проектот - самите бунари беа планирани со дијаметар колку и водените пумпи и беше неможно да се постават. Правевме дополнителни преправки во проектот, дополнителни копања, поставувања, за да функционираат пумпите за вода.
Изградбата на овој водовод е со кредитно задолжување на општината за следните 13 години па се' што е задолжување на граѓаните треба да биде добро изменаџирано, за да се справиме со проблемот со арсенот и снабдувањето со чиста вода за пиење“, посочи Поцков во својот одговор пред медиумите.