За една година исплатени се 25.000.000 денари кон стопанственици на кои должела општината Гевгелија според обврски наследени од минатиот состав на локалната власт. Тоа е 17% од вкупните обврски кои ги наследила општината со трансферот на новата власт по локалните избори во 2017 година. Вкупниот наследен долг на општина Гевгелија од локалната гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ која два мандата менаџираше со локалните ресурси и локалната буџетска каса, изнесувал над 143 милиони денари, односно околу 2,5 милиони евра, долг кон доверители, односно кон стопанството.
Општината има уште наследени долгови и кон кредиторите за кои засега тече грејс период и се' уште не се достасани за враќање, но е обврска која стои за исполнување.
На тема општински долгови, кредитни обврски, капитални задолжувања и помошта за општините која ја одобрува Владата на РМ, на вчерашна прес конференција зборуваа клучните владини министри, за финансии и локална самоуправа, а се обрати и градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков. (Видеото од обраќањето на Поцков започнува од 22:17 минута)
На заедничкиот прес Министрите и градоначалниците дадоа поширок осврт за позитивните апсекти од новата мерка планирана во ребалансот на Буџетот за финансиска поддршка од 3 милијарди денари за покривање на заостанатите долгови на општините односно 51% од пријавените обврски како и за заштитните механизми предвидени во Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа.