Арсенот е 20. елемент по застапеност во Земјината кора. Првпат е документиран во 1250 година, а со текот на вековите најде најразлични примени во медицината, во сегменти од градежништвото, па и во уметноста. За импресионистите арсенот бил состојка на една посебно ценета боја - паришка зелена. Неговата токсичност го направил омилен дворски отров, со симптоми слични на колера, а подоцна често се користел и во политички цели. Се верува дека од арсен умреле Франческо Први Медичи и неговата жена, кралот Џорџ Трети, има истражувања кои покажале присуство на арсен во крвта на императорот Наполеон Бонапарта... И денеска е познат како отров меѓу кралевите и крал меѓу отровите.
Оттука, не е чудно што се' повеќе се подгрева лутината на гевгеличани кои со години пијат вода со недозволени концентрации на арсен. Според последните истражувања на иницијативата „Фотоглас“ и на Институтот за јавно здравје од декември 2013 година, жителите на градот на казината и Русалиското оро на дневна база внесуваат 14,8 микрограми арсен во литар вода. Ова е за потчукнување по „црпката“ ако се знае дека Светската здравствена организација постави строга граница - максимум 10 микрограми арсен! Овие вредности важат насекаде каде извира вода со отровни материи и каде по инерција се избегнува употреба на здрав разум. На долгорочна база, критериумите гасат жед за масовни труења. Но, можеби уште повеќе загрижува што поминаа 17 месеци откако Агенцијата за храна и ветеринарство вклучи аларм за проблемот со гевгелиското водоснабдување.
Веста за арсенот експресно ги електрифицираше антените на еколозите, па изнудија акција на општинарите од Гевгелија. Тие, пак, убедуваат дека презеле низа мерки - затворен бунар во подрачјето Моин, редовно испитување на питката вода, изградба на нови резервоари, цевководи... Ако има заложби тогаш како од септември 2012 до сега не се намали количеството на арсенот, а на дневен ред стигна здравствена заштита?
Асоцијацијата „Фотоглас“ посочува невидлива забрана за јавно отворање на проблемот. Деарсенизацијата на гевгелискиот регион би чинела 8 до 10 милиони евра, „претешки“ за буџетот на Гевгелија. Додека не се разбудат антените на ресорните министерства, може да „уживаме“ во промотивните материјали за „арсена“ - вода збогатена со арсен!
Извор: Утрински весник
Автор: Бојан Шашевски