Топ Новости

Живот протнат низ цевка

Четврток, 15 Август 2019

Никому, ама баш никому да не ја посакаш во животот глетката која ја имаше гевгеличанката Анета Јованова.

Првиот ден од акцијата за расчистување на пожарот во зградата близу Сува река, како ја нарекуваа Гевгеличани, ја сретнав седната на тротоарот под сенките. Млада жена. Молчелива. Закопана во себе длабоко со својата болка. Со поглед и шепот се разбираше со жената до неа. Ја препознав од кобниот огнен ден на улица „Ристо Чавдаров“ број 25 кога во солзи облеана го прифати разговорот со мене. Бев загрижена за едно момче од вториот кат кој стоеше на прозорот, а не излегуваше надвор додека пожарот се' уште беше во фаза на гаснење.

- „Зошто не излегува? Има ли некој проблем. Подвижен ли е? Треба ли да отидеме да го кренеме?“ прашав јас гласно до сите присутни додека парчиња изгорен градежен материјал паѓаше од кровот на зградата.

Од сите околу насобрани само таа ми одговори: „Што ќе излезе. Подобро му е дома!“

Дома. Колку смирувачки и заштитен збор. Закрила во животот. Закрила од сликата која другите ја имаа пред себе - огнените јазици на кровот од зградата, изгорените станови од шестиот кат, саѓосаните парчиња греди кои паѓаа како рафали на тревата и плочникот пред зградата.

Следниот ден станарите и граѓаните поитаа да се расчисти штетата, да се види како ќе се санираат последиците од пожарот, да видат што останало од нивниот дом. Како ќе се продолжи животот додека се оформи нов кров, нова семејна топлина.

Анета дојде тивко и седна на плочникот. Јас бев обземена од гласната слика на отпад кој се фрлаше од изгорениот кров и становите од шестиот кат кој паѓаше на земја со прасок проследен со облак прашина и темно сив чад што се движеше во пласти низ воздухот.

- „Здраво“ - ја поздравив. „И Вие ли сте од оштетената зграда“, прашав бидејќи не знаев дали на денот на пожарот беше комшивка која плаче над жалната слика што ја гледа пред себе, или оштетена станарка на „Ристо Чавдаров“ бр.25.

- „Јас сум од станот од шести кат од кој сега се фрлаат доле отпадоци низ цевката што ја гледаш. Живот претворен во пепел. Се' што сум создала во животот, се' што имав во мојот дом, се' е сега во купот таму пеплосано“, ми одговори таа.

- „Жал ми е за златото од мајка ми. Немам никаков спомен од неа. Немаме ниту документи, ниту пари, ниту фотографии од нашиот живот, ниту живеалиште. Се' отиде низ цевката“ рече и си ги покри очите со двете дланки потпрени во скутот.

- „Не се сетивте нешто да понесете со себе на излегување?“- прашав.

- „Викнаа пожар и отидов да видам што е. Гореше вториот стан од шестиот кат на првиот влез. Дојдоа пожарникарите и почнаа со акција за гаснење. Ние со семејството живееме на шестиот кат од вториот влез. Мислевме, далеку е пожарот, ќе заврши пожарната се' на време. Пожарот продолжи да гори кон следниот стан. Му се јавив на сопругот да излезе. „Ај, па ти. Дојде пожарната. Слушнав како свиреше. Ќе угаснат“ ми рече тој и остана горе. Пожарот продолжи да гори и навлезе на покривот од становите од вториот влез. Пак му се јавив на сопругот да се симне. Тој се симна. Гледавме вџашено што се случува со пожарот, како интервенираат пожарникарите и видовме почна нашиот стан да гори. Тогаш на Ризо му текна: „Ќе одам да ги земам парите“. Отиде. Се качи до шестиот кат, ама тука на влезот од нашиот стан го запрел пожарникар и му рекол: „Излегувај од тука човеку брзо. Опасно е. Ќе изгориме тука и двајцата“ го одвратил пожарникарот од намерата да влезе во веќе опожарениот стан кој бил во пламен се' до влезната врата.

Се вратил сопругот на Анета, Ризо, долу на плочникот, а таа низ солзи гледала како огнот им го зема животот, барем оној дел во кој тие заедно створивле дом, домаќинство, спомени.

До денеска изминаа 16 дена од несреќната елементарна непогода што ги задеси жителите од шестиот кат на зградата на улица „Ристо Чавдаров“ број 25 во Гевгелија. Како живеат? Кога ќе го вратат стекнатото низ годините, со децении? Како да ги повратат спомените кои заминаа со чадот во воздухот?

Општинската Комисија за проценка на штети од елементарни непогоди го подготвува извештајот. Додека дојде проценката, обештетувањето, оштетените се сместени времено на трошок на Општината. Пазарната цена на изгорениот дом ќе се најде. Но колкава е вредноста на преживеаниот шок од изгорениот дом, вредноста на исчезнатото минато, од пеплосаниот минат труд, на спомените од еден живот. Анета беше свесна до толку дека животот ја врати назад на почетокот од создавањето на семејниот дом. Ќе треба да почне одново. Прва објави жиро сметка очекувајќи ја помошта од хуманите луѓе. Подоцна, се формираше и здружение на станари од опожарената зграда. Се обединува маката. Има уште многу за надокнадување, за заедничка утеха, за заедничка заштита на приватноста која сега изнесува само по 54 метри квадратни од изгореното поткровје со отворено небо над него.

Да не му посакате никому во животот глетка каква што имаше гевгеличанката Анета Јованова на кобниот 30 јули после 11:20 часот од тротоарот пред својот дом. Ова е нејзината животна мака. Има и други за раскажување, ама на нејзините солзи беше сведок авторот на текстот. Со сите други чија животна и семејна трудољубивост тој кобен ден заврши со пепелта и чадот, сочувствуваме и посакуваме брза санација и окрепнување во новосанираните живеалишта. Дотогаш остануваат отворени сметките за донации од хуманите граѓани и општествено одговорни правни лица од нашата заедница, со следните податоци:

Носител на наменската сметка за оштетени од пожарот: Игор Димов

Број на сметка: 270 - 7000516742 - 74

Депонент: ХАЛКБАНК АД СКОПЈЕ

Наменски корисник: Игор Димов

Ул. „Ристо Чавдаров“ бр.25/1-12 Гевгелија

Девизни дознаки: IBAN Code MK07270700051674565

SWIFT EXPCMK22

Име на Банка ХАЛКБАНК АД Скопје

Ул. „Св.Кирил и Методиј“ бр.54

Р.С.Македонија

Домот на еден човек е таму каде што му чука срцето. А, срцето на овие оштетени луѓе чука во Гевгелија. Да им помогнеме. Да не ги оставиме во солзи сеќавајќи се одново за непогодата која им однесе се' во животот, зошто новите сеќавања се нови болни преживувања за нив. Да споделиме грижа и помош за овие наши сограѓани. Цевката која исфрлаше опожарен шут, а за нив беше слика на отфрлен живот, да ја замениме со отвор за донации, грижа и солидарност кон нив.

 

 

 

"""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""""</p>"</p>"</p>"

Last modified on Четврток, 15 Август 2019 - 21:48

.

.


ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ:

Јане Велковски од Македонија ќе учествува преку УНИЦЕФ на самит на ОН

Единаесет годишниот Јане Велковски, кој е застапник на деца со попреченост од

Повеќе

Ученици собраа 53,2 кг пластичен отпад од „Илинденска“ во Гевгелија

Екоакцијата организирана на крајот од работната недела во Гевгелија на улица

Повеќе

Во декември почнува „Мој ДДВ – Моја Награда“ со награден фонд од половина

Две главни награди, но и доделување на дневни и месечни награди со вкупен

Повеќе

Ветинг во судството вети Заев на граѓанска трибина во Велес

По низата реакции во јавноста за застарените судски случаи кои судот ги

Повеќе

Средба на борците од Кленоец и Гевгелиски членови на СЗБ од НОБ

Во чест на народниот херој Јосиф Јосифовски Свештарот кој е по раѓање

Повеќе

Еденипол часовен протест на судската администрација во Гевгелија

Триесет и тројца вработени во Основен суд Гевгелија со работен статус „судска

Повеќе

Иницијатива за незастарување на кривични дела направени од функционер

Екпертите со иницијатива: Кривичните дела сторени од функционери да не

Повеќе

Изгласана минимална плата од 14.500 денари во Собранието

Попладнево пратениците во републичкото Собрание го изгласаа Законот со кој

Повеќе

Агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските посеви во Гевгелија

Со проект на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, каде припаѓа и

Повеќе

Од утре, 15 ноември, задолжително поседување на зимска опрема за возилата

Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека во периодот од

Повеќе

 
 

 
 

Не пропуштајте ...

2014 Сите права задржани © ГевгелијаНет
Не е дозволено превземање на вестите без писмено одобрување.