Топ Новости >

За малку ќе загинев поради Заев, ми се жали деновиве еден пријател. Некни во центарот на Скопје, ми вели, читам на билборд колку голем непријател на Македонија бил овој човек, кога само за милиметар не ме тресна еден од оние големи џипови со затемнети стакла што ги возат новите чесни милионери. Му велам да не се секира, веднаш ќе поднесам до министерката Гордана Јанкулоска и до МВР барање да се постави по сообраќајниците низ градовите и на сите патишта нов сообраќаен знак за општа опасност: Внимавај, Заев.

По најновата кампања на ВМРО-ДПМНЕ против лидерот на најголемата опозициска партија, Зоран Заев, човек навистина не знае дали да се смее или да плаче. Дотаму ли стасаа Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во својот страв да не ја изгубат власта, па мора да удираат толку ниско. Дотаму ли стаса насладата на партизираната јавност во Македонија да чита и гледа бербатлаци и да ужива во примитивизмот и провинцијализмот на власта која со пари плаќа повици на ниски страсти, омраза и линч на политичкиот противник. Во сите телевизии, весници, портали, социјални мрежи, рекламни паноа Груевски плаќа дебели пари Заев да ги плаши граѓаните дека работите во Македонија можат да бидат полоши отколку сега ако тој дојде на власт. Пораката е од бетер секогаш има побетер, затоа народе отвори си ги очите оти може да не' снајде нешто многу полошо од оваа беда и мизерија. Тие што уживаат во платените реклами на ВМРО-ДПМНЕ нека ми простат, ама ми наликуваат на оние пациенти кои вртат хот лајн телефони да слушаат стенкање.

Досега најголем душман беше Бранко Црвенковски. Што се' не чувме за овој поранешен премиер и претседател. Само еден отсто да е вистина од оние гадости што ги сервираше власта како платена политичка кампања Црвенковски сам без судење требаше да си досуди сто години затвор. Откако Црвенковски си замина од политиката и не претставува никаква закана за Груевски, го снема од срамните платени негативни кампањи. Бидејќи Црвенковски за време на поранешните избори ги распродаде и името, и националниот идентитет и државните интереси, сега е нормално да се појави нов странски платеник и домашен предавник истото тоа, иако веќе сто пати продадено, да го распродава. Новиот џамбас е кој друг ако не Зоран Заев, човекот што дојде на местото на злогласниот Црвенковски и кој претставува реална закана дека може да ја освои власта.

Имињата на поранешните претседатели Глигоров, Трајковски и Црвенковски се' уште се злоупотребуваат за политички цели пред сите избори од една друга пропагандна вмровска машинерија, која не е дел на платените негативни кампањи. Тоа редовно се атентатот на првиот претседател на Република Македонија, Глигоров, падот на владиниот авион и несреќата во која загина претседателот Трајковски со своите соработници со јасни алузии и обвинувања дека зад тоа стои Црвенковски и приемот на Република Македонија во ОН со името БЈРМ.

Очигледно е дека премиерот Никола Груевски ужива кога се вози во црните „мерцедеси“ по скопските улици или во ретките мигови кога се шета најмногу поради убавиот амбиент кој го прават билбордите со мислите што му ги припишал несебично на Заев. Мислам дека овие билборди за амбиентално да се вклопат уште подобро во околината, ќе мора да се ребрендираат и да добијат античка патина. По барокните фасади, музеи, капии, галии, рингишпили, врби и гаражи, редно е да добиеме и барокни билборди и јавни тоалети. Во согласност со негативната кампања идеално би легнал еден билборд со слоган на Заев: Ако веќе живееме мизерно, можеме царски да се олесниме. Осмели се.

Бидејќи во државава во овие 22 години на слобода, демократија и независност не остана ништо неизвалкано, што мислите и опозицијата да почне со платена негативна кампања. Можам да замислам какви би биле реакциите ако еден ден осамнат билборди, страници во весниците и пораки на порталите со големите мисли и ораторски дострели на Никола Груевски искажани по разни поводи како да е некој од големите светски национални водачи и вождови. Има тука прекрасни големи пораки од збор до збор исти, изречени за време на големи историски настани, главно, за зачувување на националната гордост и посебност, за одбрана на националниот идентитет и достоинство, за откривање славни ариевски и антички корени на нацијата, за воведување нова уметност, нова архитектура, нова литература, изградба на грандиозни зданија и споменици во слава на вождот и нацијата, за изградба на илјадници километри патишта, за решителна војна против криминалот и корупцијата, за жестока пресметка со домашните непријатели, предавници и странски платеници. Има толку многу сличности што и на обичниот човек може да му текне дека историјата се повторува некогаш и како фарса. Несреќата на народите кои се воодушевени од ваквите водачи е што на крајот последни дознаваат дека се учесници во големата трагедија. Тогаш не им преостанува ништо освен што сета вина, па и својата, ќе му ја префрлат на водачот. Што мислите смее ли некој од највлијателните медиуми во Македонија да објави ваква кампања, па макар и платена.

Извор: Утрински весник
Автор: Ерол Ризаов


ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ:

Во Гевгелија одбележан Националниот ден на власите

Членовите на Здружението на власите од општина Гевгелија „Мегленија“, денеска го одбележаа 23 Мај Националниот ден на власите

Повеќе

Груевски осуден на две години затвор за случајот Тенк

Шест години и шест месеци казна затвор за Ѓоко Поповски и две години затвор за поранешниот премиер Никола Груевски

Повеќе

По 15 години конечно ТВ Дуел на партиски лидери

Утре на МТВ во 20 часот ТВ Дуел помеѓу премиерот и лидер на СДСМ - Зоран Заев, и лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Повеќе

Случајот Триста на СЈО заврши со обвинение од 9 години затвор

Кривичниот суд во Скопје денеска ја читаше пресудата по предметот „Триста“ поднесен од СЈО и истиот заврши со обвинение од 9 години ефективна казна за Ѓоко Поповски поранешен помошник министер во МВР

Повеќе

Јован и Ана - второ место на Државен натпревар по физика

Во конкуренција на 99 ученика од исто толку училишта во државата, гевгелиските ученици Јован Петров и Ана Папалазова освоија втора награда

Повеќе

Ослободителна пресуда за случајот Поткуп

Зоран Заев е невин за „поткуп“ потврди денеска Кривичниот суд со читање на ослободителната пресуда

Повеќе

Гевгелискиот алпинист д-р Ѓорги Петков почина на пат кон Еверест

Хималајскиот портал „Тајмс“ од Непал денеска ја објави жалната вест за смртта на македонскиот алпинист Георги Петков кој од 23 март тргна на мисија за освојување на највисокиот врв на светот Монт

Повеќе

Владата го одби барањето за нови концесии за минерални испитувања на Кожуф

На 66-та седница на Владата, одржана на 2 мај годинава одбиено е доделувањето на концесија за детални геолошки истражувања на минерална суровина - металични минерални суровини на локалитетот

Повеќе

Меј: Вашата земја е интегрален дел од Европа

Заедничка прес конференција на британската премиерка Меј и македонскиот премиер Заев

Повеќе

Најавен можен финиш на спорот за името

Заев и Ципрас издвоиле една опција како можно решение на спорот за името

Повеќе

 
 
 

Не пропуштајте ...

2014 Сите права задржани © ГевгелијаНет
Не е дозволено превземање на вестите без писмено одобрување.