Државните просветни инспектори, кои по службена задача го посетиле Меѓународниот универзитет во Струга, били избркани од неговиот ректор.
А што сакале тие. Да ги почести со кафе или со гурабии.
Човекот убаво ги прашал - со што може да бидат услужени - со диплома, магистратура плагијат, или по итна постапка да им врачи докторат.
Тие пак, како да не знаат што е деловност и продуктивност. Што значат производствени норми во нашиот образовен систем. Сакале да му буричкаат по архивата.
Според востановениот струшки протокол, требало да бидат информирани дека посетата барем една година порано се најавува. Па учтиво на врата да тропнат. Па културно да се легитимираат и да кажат - дали се дојдени дипломата стекната во Сујаклари да им ја нострифицираат, да магистрираат, или да докторираат.
Божем е тоа Сорбона, Беркли, Оксфорд, Стенфорд или некој друг светски колеџ - шуга. Ова е престижен меѓународен универзитет и тоа не било од каде, туку од Струга.
Таму се' функционира подмачкано. Не може, ако се инспектори, некој да ги ланча. Ректорот да губи време со нив, место научни сертификати да штанца.
Автор: Бошко Нацевски - новинар и колумнист