Топ Новости >

Мицкоски ќе биде жртва на брзањето на Фамилијата

  • Понеделник, Јун 04 2018

 


Орданоски: Мицковски не размислува да се извини на нацијата, ниту да расчисти со внатрепартискиот криминал (колумна за Цивил медиа)

Еден добар митинг не ја чини пролетта. За ВМРО-ДПМНЕ. Но, барем една работа се чини сосема расчистена: Христијан Мицкоски ја зацврстува својата партиска лидерска позиција на начин што ниту размислува да се извини на нацијата, а уште помалку внатрепартиски да расчисти со криминалните, политичките и моралните злосторства сторени од претходното, довчерашно раководство на организацијата на чие чело сега стои тој.
Историјата ќе покаже – да го парафразирам Мицкоски – дали, со педантното продолжување на политиката на Груевски, ВМРО-ДПМНЕ може во догледна иднина да се надева на враќање на власт во државата. Бидејќи, да се прави и да им се говори на своите партиски следбеници само тоа што тие сакаат да го видат и да го чујат не е рецепт за лидер со амбиција за повторно освојување на власта. Добро, знаеме: метафората „бате Геле“ повторно ќе гласа за вас. И?

А токму брзото враќање на власт е од клучна важност, прашање на затвор или слобода, за најважните функционери од Фамилијата. Фејсбук-крикот на Груевски дека „Македонија се буди!“ – и тоа, аман, баш пред започнување на долгото, топло лето?! – остава впечаток дека на баба Нада ѝ се сонило тоа што, задремана, сакала да го види во реалноста. Го туркаат Мицкоски да повикува на нови избори, иако за таков вид на коцкарско блефирање треба барем половина од шпилот карти да ви се обележани. Сега за сега, држат пар осмици в раце и се надеваат дека во следното делење ќе добијат три кеца. Па, сите сме го гледале „Казино Ројал“, ама вистинскиот живот во Македонија не се одвива во Монте Карло и Монако, кај што се забавуваше Фамилијата.

На пример, замислете колку ѝ гори под нозете на најбезобразната и најарогантна ВМРО-МВРО министерка во историјата на македонската политика – женско издание на „Хер Флик“ – Гордана Јанкуловска кога, во очи на за неа одложеното судење, за што веќе падна долга затворска казна за еден нејзин подреден и покуса за еден нејзин надреден, се решила, во очај, да пишува писма до актуелните министерки на СДСМ со апел во тој судски процес да ѝ се почитуваат нејзините женски, мајчински и труднички права. Жената која пресудите за други ги читаше на полициски прес-конференции уште додека ни местата на злосторство не беа „оладени“ и истражени, заборава дека ушите на целата нација се пораснати за по некој сантиметар од нејзините разговори за тоа дека политичките противници (цитирам:) „треба по список да ги сотреме“, според принципот на „показни вежби“!

Дополнително што не е јасно како, и кога би сакале, министерките на кои им пишува „женски писма“ Јанкуловска (а, да биде иронијата поголема, се жали за начинот на судењето од страна на жена-судијка) би можеле да влијаат врз бројните судски процеси во кои е обвинета Јанкуловска?! Освен ако таа – чуварот на легендарните црни правосудни тефтерчиња – не мисли дека некој магично ќе сврти телефон некаде и судските процеси, оп!, ќе бидат сопрени – како што, впрочем, се случуваше за време на нејзиниот долгогодишен мандат во претходната власт. Додуша, тогаш многу повеќе се нарачуваа апсења, обвиненија и пресуди, одошто се сопираа судења.

Така, да се вратам на Мицкоски, за победа на избори не е доволно по првиот партиски митинг по поразот да повикаш на нови избори, бидејќи на отсутните им се брза. И на Мицкоски и на неговата партија им требаат избори на кои не само што ќе победат, туку и ќе биде можно тој да формира влада. Во друштвото во кое ужива ниту ќе види победа, ниту своја влада.

Дури и не коментирам што ќе им се случи ако Заев, навистина, реши да ги изненади и да им закаже предвремени избори?!

Автор: Сашо Орданоски
Извор: Цивил

 


ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ:

Шекеринска со писмо до министрите на НАТО

„Ја барам вашата поддршка за Македонија“ - им напиша Шекеринска во писмото до  министрите за одбрана на 29 земји членки на НАТО

Повеќе

Коѕијас денеска со потпис, а утре со писмо до ЕУ и НАТО

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас писмено го потврдува непротивењето на Грција за напредокот на Македонија за членство во ЕУ и НАТО

Повеќе

Водата во Дојранското Езеро е безбедна за капење

Испитаните примероци вода од езерото од ЈЗУ „ИЈЗ“ покажаа квалитет на вода безбеден за капење и рекреација на луѓето

Повеќе

Собранието го ратификува договорот со Грција

Со 69 гласа ЗА Собранието на Република Македонија го ратификуваше Договорот со Грција. Се чека на Иванов

Повеќе

Томе Главчев со плакета за бизнис личност во 2018 за ЈИЕ

Манифестацијата „Бизнис партнер“ додели 40 награди на компании и бизнис личности од Југоисточна Европа за 2018

Повеќе

Објавена продажба на градежни парцели во Гевгелија

Десет парцели за индивидуално домување и една парцела за лесна индустрија во Гевгелија се објавени на продажба по пат на електронско јавно наддавање

Повеќе

Комарците помилувани на неодредено време

Поради лошото време одложено прскањето против комарци во целиот Југоисточен регион

Повеќе

Етничките македонци во Грција се радуваат на Договорот

Селцас е пратеник во грчкиот Парламент од Лерин и вели дека Македонците во Грција се радуваат на договорот

Повеќе

Потпишан Договорот меѓу Македонија и Грција

ВИДЕО: Потпишувањето на конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство

Повеќе

И во грчкиот Парламент се прозбори на македонски јазик

Пратеник на СИРИЗА се обрати на Македонски јазик, на костурски дијалект во грчкиот парламент

Повеќе

 
 
 

Не пропуштајте ...

2014 Сите права задржани © ГевгелијаНет
Не е дозволено превземање на вестите без писмено одобрување.