Поранешниот вработен во УБК, Александар Диневски, кој беше на удар на режимот на Груевски за време на неговото водење на партијата ВМРО-ДПМНЕ и извршната власт дава свои оценки за понудениот закон од сегашната опозиција за амнестија на учесниците во „крвавиот четврток“. Диневски вели:
„Законот за амнестија што го понуди ВМРО ДПМНЕ исклучиво за злоделата сторени на "Крвавиот Четврток" на 27 Април годинава, всушност претставува провиден и очајнички обид да се избегне вториот дел од кривично правниот процес во кој, очекувано, на удар би се нашле главните иницијатори, планери и наредбодавачи за терористичкиот акт.
Прифаќање на таков закон би значело погребување на правната држава. Никакви "повисоки интереси" или заговарања за национално помирување или национално единство не може да бидат оправдување на еден ваков антидемократски чин кој доколку се реализираше би имал катастрофални и несогледиви последици за безбедноста на граѓаните и државата.
Чинот на амнестија е пред се' правен процес (со неизбежна политичка волја да се покрене) и значи милост на државата кон сторителите на кривични дела и се сведува на намалување (целосно или делумно) на висината на казната, но во никој случај не значи простување на вината или пак стореното злодело.
Ваквата амнестија за која се залага ВМРО ДПМНЕ всушност значи директно рушење на една од темелните вредности на Уставот на РМ (член 8) - владеење на правото! Или уште попрецизно: погреб на правната држава!
Од друга страна, доколку чинот на помирување што го промовира премиерот Заев се сведе на амнестија или аболиција тогаш целиот процес ќе ја изгуби својата смисла, суштина и значење!“, вели Диневски на својот фејсбук профил.