Долг е патот до правдата

Недела, 18 Ноември 2018

Колумна на Ерол Ризаов за Независен

 

 

Македонија е во исчекување дали Никола Груевски ќе се појави пред затворските порти и ќе стане најпознатиот затвореник. Синонимот на злото сместен зад решетки нема ништо да промени во животот на луѓето, но ќе ги зголеми надежите и шансите дека е можно да завладее правото и во оваа кутра земја. Тоа ќе потрае уште долго додека правдата не ги стаса носителите на најголемиот грабеж во кусата историја на независноста и самостојноста.

Во заробената држава во која нееднаквоста пред законот беше вообичаена работа разбирлива е огорченоста и нестрпливоста во јавноста за задоцнетата правда и за владеење на правото и по падот на режимот. Јавноста бара одмазда по секое покренување на истрага и судска постапка донесувајќи своја казна во домовите, во кафулињата, во социјалните мрежи и во медиумите.

Тоа е резултат на неправдите и на недопирливоста на законите до врвот на власта и моќта, до новата и старата аздисана транзициска олигархија која ги присвои бескрупулозно општествениот и државниот имот и за 27 години ги осиромаши граѓаните до живот во мизерија и до најтешкото понижување на човечкото достоинство. Ароганцијата на партиските богаташи, нивната алчност, раскалашеност и кабадаиско однесување дека никој ништо не им може, предизвика нов општествен поредок на феудална и ропска потчинетост на ниво на послушна раја. Брзото богатење на мал број луѓе предизвика уште побрзо осиромашување на една пристојна и многубројна средна класа излезена од социјализмот со големи надежи во иднината. Иако тие беа носители на сите промени, ним ништо не им донесе слободата и демократијата. Напротив, ги казни да живеат во неизвесност и беда.

Македонија стана земја со најголема нееднаквост во Европа до срамни јужноамерикански и азиски димензии. Социјалните семејни драми до гладување и понижување веќе не се вест која вознемирува и загрижува. Македонија се претвори во една голема коцкарница и обложувачница во која тие што не можат да избегаат од земјата играат руски рулет да им се насмевне среќата топчето да застане на нивната бројка. Шансите за добивка се еден спрема милион.

Организираниот криминал, корупцијата, злоупотребата на овластувањата, нарушувањето на човековите права и слободи, деградацијата на институциите на системот и нивна комплетна партизација, контролата врз парламентот и судството, фалсификувањето на избори, немилосрдно трошење без речиси никаква контрола и отчет на парите на граѓаните во ерата на груевизмот доживеа највисок стадиум стасувајќи до тиранија.

Македонија од првиот ден на независноста не успеа во ниту еден период, макар и привидно и формално, да воспостави пристојна парламентарна демократија и владеење на правото кое ќе овозможи побрз општествен и економски развој. Напротив, македонските политичари, деловни и интелектуални елити, не ги забрзаа историските процеси, иако добивме држава без ниту еден испукан куршум што беше огромен капитал по драматичниот распад на Југославија. Тој капитал се потроши преку ноќ заборчувајќи ги и идните генерации до гуша.

И сега што? Затворските казни не смеат да се претворат во одмазда и преки судови што ќе бидат само уште еден тажен доказ дека ништо не сме направиле. Судските процеси во Македонија што се во тек и допрва следуваат мора да бидат беспрекорно праведни и чисти, без ниту една дамка. Само на тој начин може да профункционира правосудниот и правниот поредок во сите инстанции. Тоа ќе означи дека кршењето на законот ќе ги стаса виновниците и кога се на највисоки функции. Во Македонија не смеат да живеат во страв граѓаните што се чесни и не ги прекршиле законите, туку тие што ги направиле или се на ниет да ги направат злоупотребите за незаконски да се стекнат со имот и богатства, да дојдат до власт со фалсификати и да ја оштетат државата и граѓаните.

Не смее да завладее пострежимска еуфорија и одмаздољубивост, која ќе биде еднакво штетна ако не и полоша од гонење вештерки. Жртвите на груевизмот не можат да бидат непристрасни судии.

Нивната рехабилитација и обесштетување треба да биде сериозна обврска на новиот правен поредок исто толку голема колку и праведната казна на носителите на криминалот и злоупотребите. На повидок е вистинската лустрација на македонското општество. Колку овој процес ќе тече успешно без медиумски сатанизации и пресуди однапред јавно искажани, толку побрзо ќе завладее правото.

Најсилниот адут на правдата за неисплатливиста на криминалот и злоупотребата на власта не е само во пресудите и во должината на затворските казни, туку и во висината на обесштетување на оштетените и на државната каса. Конфискациите на незаконски стекнатиот имот и враќањето на вистинските сопственици е најсилниот доказ дека правдата стасала и во Македонија.

Идеални општества не постојат. И во најправните и најдемократски држави има луѓе во затвор затоа што се огрешиле пред законите, има луѓе кои поради недостиг на докази се на слобода. Но соодносот мора да биде во корист на законот и правдата, а не на криминалците. Во Македонија долго време е обратна ситуацијата. Време е да натежне кантарот на правото.

Автор: Ерол Ризаов

 

Last modified on Недела, 18 Ноември 2018 - 06:08

.

.


ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ:

Првите капачи во Дојран

Сончевите денови од топлиот продолжен викенд со температури до 29 и 30 степен

Повеќе

Чествување на Светите Кирил и Методиј

Гевгелиската епархија и Црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Гевгелија денеска и

Повеќе

Одбележан Патрониот празник на ООУ „Крсте Мисирков“ Гевгелија

Патрониот празник на Општинското основно училиште „Крсте Мисирков“ од Гевгелија

Повеќе

Заев ги разреши сите претседатели на Општински ограноци на СДСМ

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека донел одлука за разрешување на сите

Повеќе

СДСМ: Социјалната помош ќе порасне за 300 % од сегашните 3.900 денари

Собранието на РСМ денеска го изгласа новиот Закон за социјална заштита кој ќе

Повеќе

Работилница за кинези терапија на „Мобилност“ Гевгелија

Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ од Гевгелија, вчера во

Повеќе

Видео: Заев во Србија на отворањето на Коридор 10

- „Се радуваме на успешните потфати на сите наши соседи“ рече Премиерот Зоран

Повеќе

Матурска парада во Гевгелија по 13-ти пат

Сто и педесет гевгелиски матуранти денеска во центарот на Гевгелија по 13-ти

Повеќе

ЦИВИЛ: Да се укинат неразумните и прескапи повластици и привилегии за

ЦИВИЛ – Центар за слобода бара од законодавната и извршната власт да стават

Повеќе

Наградени ученици од ООУ „Климент Охридски“ од Миравци

Први по македонски, втори по математика, пофалени за англиски јазик, тоа е

Повеќе

 
 

 
 

Не пропуштајте ...

2014 Сите права задржани © ГевгелијаНет
Не е дозволено превземање на вестите без писмено одобрување.