Не е во прашање ни Катица ни СЈО

Среда, 03 Април 2019

Колумна на Ерол Ризаов

 

 

По којзнае кој пат, во Македонија во полн ек е поделба на јавноста околу една наметната дилема: кој е за Специјалното јавно обвинителство и за Катица Јанева, кој е за новиот закон за јавно обвинителство по партиски образец озаконет со политички договор. Преведено на обичен јазик тоа значи – кој е за тоа правдата да ги стаса недопирливите високи функционери во врват на политиката, на власта и на центрите на моќ, а кој е да продолжи непречениот грабеж на граѓаните и на државата. Или, кажано уште поедноставно – кој е за слобода и неказнивост на криминалците, а кој за тоа тие да завршат во затвор и да им се конфискува украдениот имот. Ако вака се постави прашањето, ќе нема поделби и потреба од стотици страници неразбирливи параграфи и сложени манипулации, конфузни игри на зборови за да се разводени успешниот почеток на функционирање на судството и на правната држава со постојните закони.

Огромното мнозинство чесни граѓани е изложено на силна политичка пропаганда како да станува збор за катаклизма, а не за спасување на мафијата која управуваше повеќе од една деценија со државата. Најдобро засолниште на носителите на организираниот криминал, на корупцијата, на нарушување на човековите права и слободи, на изборните измами, на подривачите на општествено-економскиот поредок, стана партиската борба за владеење на правото. Заглушува и оќоравува ѓурултијата што се крева на сите страни, за владеење на правото. Македонија е земја со најгласна определба за почитување на законите, а со најмалку затвореници од политичкиот врв кои се носители на организиран криминал, корупција и други тешки кривични дела. Сите осомничени бараат правда, ама каква што тие ќе ја одредат, а не судот. Сите осудени и обвинети функционери се невини жртви на политички прогон.

Само во ваква магла крената под ведро небо со еден казан папазјанија сервирана на јавноста во Собранието може да се прикрие вистинската намера од една нова амнестија на криминалот и криминалците, многу полоша од онаа со која се обезбедија две третини гласови за прифаќање на уставните измени за да помине Преспанскиот договор. Ако тоа беше голтање на краставата жаба да се урне блокадата кон европската иднина и побрз развој на земјата и свесно жртвување со избор на помалото зло, денес ова што се случува е озаконување на поголемото зло и доуривање на она што остана од правниот поредок. Не е во прашање ни СЈО ни Катица Јанева, во прашање е да се уништи она што е постигнато со големи жртви за воспоставување правен систем без кој Македонија ќе ги загуби шансите кои ги стекна со Преспанскиот договор и со евидентно подобро функционирање на судството.

Јавниот настап на специјалните обвинители и на судијката Добрила Кацарска и нејзините прецизни образложенија за пресудите за настаните на 27 април 2017 година и оние судски процеси кои се во тек, како и најновите истраги на поранешни функционери осомничени за корупција јасно покажуваат дека првите победи на правдата над политиката предизвикаа паника во партиските редови. Ако заговорниците на владеење на правото од страна на власта и на опозицијата сакаа да дадат силна поддршка за функционирање на правната држава подеднакво за сите, тогаш ќе го избереа вистинскиот редослед на постапките.

Прво, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ќе се извинеа на јавноста за злоделата и грабежите направени во периодот на груевизмот. Ќе го исклучеа од партијата почесниот претседател и неговите најблиски соработници и соучесници во тешките кривични дела. Со тоа ќе им дадеа одврзани раце и на СЈО и на редовното обвинителство и на судовите да судат непречено според законите. Во тој случај, нивната заложба за зголемување на ингеренциите на СЈО и на основното јавно обвинителство за борба против криминалот во високите редови и на актуелната власт ќе беше дочекано со големо одобрување на јавноста и ќе означеше победа на владеење на правото. Тоа ќе беше почеток на вистинскиот политички натпревар кој поуспешно ќе ги спроведе реформите од бриселските поглавја и кој побрзо ќе ја внесе Македонија во НАТО и во ЕУ. Наместо тоа, тие побараа општа амнестија на сите носители на криминалот и злоупотребите на власта и казна за потписниците на Преспанскиот договор, што е кардинална грешка и тежок пораз не само на партијата.

Пазарењето со европската иднина во замена за слобода на носителите на криминалот и на организаторите на обидот за државен удар на „крвавиот четврток“ ја однесе ВМРО-ДПМНЕ на погрешната страна на историјата. Усвојувањето на уставните амандмани и на Преспанскиот договор со учество на сите парламентарни политички партии ќе ги отвореа вратите и на Европа и на правната држава со подеднаква заслуга на сите граѓани и на релевантните политички партии. Обидите да се префрлат гревовите само на тие што ги отвориле вратите во парламентот за упад на организираните одреди за попречување на изборот на претседател и конституирање на Собранието се манипулативни и наивни, иако тоа не ја намалува нивната одговорност. Не постојат врати кои не можат да се отворат доколку организатори на упадот во Собранието се Никола Груевски, тогаш најмоќниот човек во државата, функционери на полицијата, припадници на тајната полиција, претседателот на парламентот и високи партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Излезот од најновата македонска калакурница не е на 120 или 200 или 500 страници амандмани на законот за јавно обвинителство и во деградацијата на СЈО и во смената на Катица Јанева. Решението е многу едноставно ако се има желба за владеење на правото, како што сите папагалски повторуваат по стопати дневно. Тоа се познатите во светот најенергични мерки против сите носители на дејствата што грубо го поткопуваат владеењето на правото и го попречуваат неговото подоследно остварување. Тоа значи строга казнивост и на најмалите обиди за оневозможување на непречена работа на сите инстанции на правосудниот систем, подеднакви услови за нивна независност и професионална работа, било да станува збор за редовното јавно обвинителство, било за СЈО, за сите судови и судии. Транспарентноста на судските постапки и стекнување на довербата во јавноста со фер судење е најмоќното оружје за препознавање кој навистина е за владеење на правото, а кој за озаконување на криминалот со амин на политикатa.

Автор: Ерол Ризаов

 

Last modified on Среда, 03 Април 2019 - 04:54

.

.


ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ:

Бесплатен одмор за работниците со ниски примања

Јавниот повик за организиран одмор на работници чии месечни примања во

Повеќе

Водата во Дојранското езеро безбедна за капење

- „Најновите испитувања на водата од Дојранското Езеро покажаа дека е во

Повеќе

Убав сончев празничен ден

Гевгеличани и околните места денеска ги осветли убав сончев ден, а и неработен,

Повеќе

Денес е Задушница - ден за спомен на починатите

Православните христијани, денес и во сабота ја празнуваат Задушница, а следниот

Повеќе

Меркел до Заев: Бундестагот ќе одобри старт на преговорите со ЕУ во септември

На денешната средба на Премиерот Зоран Заев со Германската канцеларка Ангела

Повеќе

Општина Дојран во посета на збратимената општина Медулин

Веќе седум години како општина Дојран е збратимена со општина Медулин од

Повеќе

Селото Марвинци ќе добие нов асфалт

Селото Марвинци, деновиве ќе добие нов асфалт.

Од општина Валандово

Повеќе

Почна исплатата на зголемената социјална помош

Согласно правата предвидени со новата социјална реформа од денеска започна

Повеќе

Уапсен е државниот секретар во МИОА осомничен за земање мито

Корупциски скандал со Европските фондови во државата. Поради земање провизија

Повеќе

Почнува летниот распуст за учениците

Денеска е последниот училишен ден од школската година, со што почнува летниот

Повеќе

 
 

 
 

Не пропуштајте ...

2014 Сите права задржани © ГевгелијаНет
Не е дозволено превземање на вестите без писмено одобрување.