Дипломатската офанзива на пријатели на Македонија, по вчерашната посета на Генералниот секретар на НАТО, денеска продолжува со посета на австрискиот канцелар Себастијан Курц. Како пријател на Македонија и претставник на земјата која е актуелен претседавач со Европската Унија тој упати и поздрави и пораки до граѓаните пред претстојниот референдум:
– „Европската унија нема да биде комплетна без Македонија и земјите во регионот. Решавањето на прашањето за името е голема шанса за динамика на Македонија и на целиот регион. Го поздравувам постигнатиот компромис и ги повикувам граѓаните да учествуваат на претстојниот референдум и да гласаат „за“ договорот и „за“ европската перспектива на Македонија“, рече австрискиот канцелар Себастијан Курц на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Зоран Заев.
– „Тоа е одлука на секој поединец и навистина не е мое да ја направам одлуката за некој друг, но како пријател на Македонија и како активна земја членка на ЕУ ние ќе сметаме дека би било многу позитивно доколку има големо учество и позитивен исход на референдумот“ – изјави Курц.
Курц рече дека Австрија е пријател на Македонија и сака да имаат заедничка иднина.
Премиерот Заев истакна дека посетата на Курц е силна порака и поттик за нас во пресрет на референдумот на кој граѓаните ќе ја изберат иднината, ќе го дадат својот глас за одоброување на договорот со Грција со кој се гарантира местото на Македонија во ЕУ.