ВМРО-ДПМНЕ по повеќечасовна дебата на највисоките партиски органи одлучи секој граѓанин сам да одлучи како ќе гласа на 30 септември. Со ова се потврдија информациите дека партијата на Христијан Мицкоски нема да повика на бојкот на референдумот, ниту да се гласа против, туку ќе остави нејзиното членство и симпатизерите сами да одлучат.
Долгонајавуваниот одговор на ВМРО-ДПМНЕ во однос на референдумското изјаснување на нивното членство го искажа синоќа лидерот Христијан Мицковски на одржан прес пред медиумите. Тој истакна дека не се согласува со договорот со Грција, но потенцираше дека е за членството во ЕУ и НАТО. Силно е против договорот зошто се коси со принципите на оваа земја. Ја критикуваше владата која започнала жестока кампања за референдумот и троши милионски суми и си игра со емоциите на граѓаните.
„ВМРО-ДПМНЕ е за членство во ЕУ и НАТО, тие се нашите пријатели. Ние сме на страната на оние кои аргументирано се против договорот од Преспа. Владата започна кампања која вреди милион евра, а во кампањата нема ништо за договорот за промена на името. Си играат со емоциите на луѓето им создаваат лажни надежи. Тие на тој начин сакаат да избегнат од одговорноста.“ - истакна Мицкоски.
Тој потенцираше дека прашањето за името е најважно за граѓаните и е прашање кое задира во историјата и се однесува на минатото, но и на младите. Партијата по консултациите со граѓаните, партиските состаноци и ставот дека договорт е неприфатлив за нив, одлучила:
- „Донесовме одлука секој граѓанин да постапи според сопственото убедување“ - истакна Мицкоски и додаде - Треба да го слушате вашето срце“.
Тој го повика и премиерот Заев на тв дуел за да се разговара за договорот и сите суштински прашања кои останале отворени од последно одржаниот дуел пред четири месеци.
Иако повика на дуел, и одговори на суштински прашања, Мицковски по завршувањето на пресот и исчитувањето на претходно подготвениот одговор на партијата во врска со претстојниот референдум, ги повика новинарите на прашања, на кои не им кажа кога ќе им одговори и ја напушти прес салата во седиштето на партијата. Новинарите останаа без можност за дополнителни прашања и одговори во врска со темата од пресот за односот на партијата и лично членовите на раководството кон референдумот.