Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во придружба на пратениците од мнозинството и со дел од членовите на Владата, одржа прес-конференција по двотретинското изгласување на постапката за уставни измени во Собранието на РМ. Во своето обраќање тој порача:
Почитувани граѓани, заедно напишавме историја!
Собранието, следејќи ја волјата на граѓаните, со 2/3 мнозинство овозможи да зачекориме низ отворените порти во најголемите западни сојузи во светот.
Патот кон членство во ЕУ и НАТО штотуку започна. Ни претстои работа низ парламентарниот процес за усогласување на амандманите на Уставот. Ќе работиме на помирувањето, простувањето и националното обединување. Паралелно, останува да се фокусираме на спроведување на неопходните реформи за да ги постигнеме европските стандарди. Правото и правната држава се наша обврска и од тоа нема и нема да има отстапки.
Сакам и најискрено да му се заблагодарам на секој пратеник за историската одлука. Особено сакам да им се заблагодарам на храбрите членови на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои го ставија интересот на државата над партиските интереси и гласаа ЗА.
Денеска дадовме нов почеток на промените. Мора да го продолжиме, во коалиција со граѓаните, за иднината на нашата земја. Македонија оди по еден единствен пат.
Да живее Македонија. Да живеат граѓаните на Македонија!