Топ Новости
Лишен од слобода 19 годишен Гевгеличанец - Понеделник, 25 Ноември 2019 13:03

Златко Зумров: ЈПКД „Комуналец“ заокружи успешна 2018

Сабота, 29 Декември 2018

Интервју со директорот на јавното комунално претпријатие за реализираното во годината што изминува 2018 и плановите за 2019 година

 

 

Три капитални објекти вредни 13,6 милиони евра дадени на стопанисување од општината на „Комуналец“, набавена нова механизација, комунална опрема, работни униформи за вработените со сопствени средства, вода без арсен за корисниците на градскиот водовод се дел од осотварувањата во 2018 година на Јавното локално комунално претпријатие за кое зборува директорот Златко Зумров.

ГевгелијаНЕТ: Дали сте задоволни од постигнатото во изминатата 2018 со оглед на тоа што на функцијата директор на „Комунелец“ сте неполна година, а зад претпријатието стојат години на нетранспарентно и критикувано работење на претходната раководна гарнитура, како во однос на квалитетот на услугите, присуството на арсен во водата и цената на водата која што не одговараше на квалитетот што ЈПКД го испорачуваше кон потрошувачите.


Зумров: Ќе почнам од досега најкритикуваното и најнегативното во однос на „Комуналец“, а тоа е молчењето за арсенот и квалитетот на водата.
Пред мене е последниот Извештај од тестирање на здравствената безбедност на водата од извршена анализа на примерок вода од бунарите кај Мрзенска ада, новиот систем за водоснабдување кој беше свечено пуштен на 7 ноември годинава. Извештајот е со дата од 25.12.2018 година и во графата од испитани 22 хемиски показатели, за арсенот стои ознаката н.д. , што значи „Не детектиран“ - не е најден ниту еден милиграм арсен во водите од новите бунари кај Вардар во месноста Мрзенци.
Во стручното мислење од проф. д-р Михаил Корчубовски стои дека: „Испитаниот примерок вода за пиење ОДГОВАРА на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри за физичко-хемиска анализа. Потребно е да се изврши редовна дезинфекција на водата за да може да се користи како вода за пиење“.

Извештај за извршена анализа на вода од мерно место Нов Резервоар - Мрзенски рид

Извештај од физичко-хемиска анализа на параметри во водата од Резервоар кај Мрзенски рид и утврден арсен „н.д.“ - што значи „не детектиран“, не е утврдено присуство на никакви количини арсен

Со ова се затвара прашањето со арсенот во водата кој беше актуелно за бунарите кај Моин, а граѓаните ќе се снабдуваат со вода за пиење од новите бунари кај Вардар, во месноста Мрзенски рид кои имаат капацитети од 170 литри во секунда и можат да го снабдуват со вода целиот град и приклучните населени места, Богородица, Граничен премин Богородица, Мрзенци и Негорски Бањи. Дезинфекцијата и обезбедување квалитет на водата се задоволува со најсовремен дигитализиран систем за гасно хлорирање кој ќе биде целосно електронски под нагледна и даљинска контрола, со алармен уред ако се покачи нивото на хлорот, што е исто така небезбедно во големи количини.
Со новите бунари кај Вардар преку новиот цевковод градот ќе биде поврзан за снабдување преку постојниот водоснабдителен цевковод, а вишокот на вода која нема да биде искористена од потрошувачите ќе се дотурка по системот на сврзни садови се' до резервоарот кај Моин кој ќе остане во функција. Со тоа и потрошувачите од западниот дел на градот кои досега се снабдуваа со вода од бунарите кај Моин, каде беше во континуитет детектирана висока концентрација на арсен, ќе продолжат да се снабдуваат од резервоарот кај Моин, но истиот ќе се полни со квалитетна и безбедна вода без арсен која доаѓа од новите бунари кај Вардар.
Со ова целосно го затвараме прашањето за квалитетот и безбедносниот карактер на водата за Гевгелија и населените места која „Комуналец“ ја испорачува до своите потрошувачи.


GevgelijaNET: Ова е еден сегмент, еден капитален објект, важен за граѓаните. Сепак годината ја заокружувате со три капитални објекти кои ги финансираше општина Гевгелија, а со кои продолжи да стопанисува ЈПКД „Комуналец“.

Зумров: Да. Годинава пуштена е во употреба новата Пречистителна станица кај Вардар. Капитален објект вреден 9,6 милиони евра во кои свои средства вложија Владата на Швајцарија, Грција и Македонија. Објектот беше пуштен во употреба септември годинава, а честа да ја заокружиме оваа инвестиција базирана на трилатерален договор, стар речиси две децении, ја споделивме со инвеститорите и Премиерот Зоран Заев, Амбасадорката на Швајцарската конфедерација во РМ, Амбасадорот на Република Грција во Македонија и заменик министерот за животна средина.


Следен реализиран капитален проект беше пуштањето во употреба на новите бунари кај Вардар во месноста Мрзенска ада, вреден близу три милиони евра и последниот е современата санитарна депонија во месноста Конско вредна еден милион долари. Санитарната депонија уште не е целосно функционална, бидејќи нема изграден пристапен пат до неа, а средства од проектот нема за таа намена. Што значи дека следната година обврска и ангажман на градоначалникот е да истата се стави во функција со изградба на пристапен пат, за кои треба да се обезбедат дополнително финансиски средства. Тогаш ќе пристапиме и кон дислоцирање на сегашната депонија кај Сува река, што е грда слика за градот.

Сите три капитални објекти ги стопанисува ЈПКД „Комуналец“. Одговорноста е огромна бидејќи се однесува за капитална вредност од близу 13,5 милиони евра каде инвеститор беше општина Гевгелија, а Советот на општината како наш оснивач на јавното комунално претпријатие ни' ги предаде на стопанисување. Очекуваме следната 2019 година тие да бидат дел од листата на предадени објекти во сопственост на Општината кои ќе бидат пренесени како капитално добро на јавното комунално претпријатие кое треба да ги стопанисува, одржува и унапредува за квалитетни испорачување на комуналните услуги кон граѓаните на Гевгелија и населените места.

 


GevgelijaNET: Освен новите проектни ангажмани, Комуналец има усталена дејност во испорака на вода до граѓаните, комунална чистота, одржување на градско зеленило. Како стоите во овој стандарден дел од Вашата законски пропишана дејност?

Зумров: На функцијата директор на ЈПКД „Комуналец“ стапив на 10 април годинава, што значи дека само осум месеци раководам со локалното комунално претпријатие. Истото го затекнав во не така лоша финансиска состојба, но со видна неопходност од опрема за работа, алат, механизација, компјутери и други потребштини за нормално и квалитетно функционирање на претпријатието кое треба да ги задоволува комуналните потреби на граѓаните од општината и населените места.
Во првите шест месеци од моето назначување се направени одредени минимални кадровски поместувања, реорганизација на секторите, почнувајќи со чесно домаќинско одговорно и транспарентно работење обрнувајќи внимание на секој потрошен денар. Како резултат на тоа се постигнати задоволителни резултати - помалку потрошено гориво, намалени трошоци на репрезентации, дневници за службени патувања и други непродуктивни трошоци.

Од друга страна, заштеденото и позитивно приходуваното од сопствената дејност го инвестиравме во набавка на неопходна опрема и механизација. Набавивме нов ровокопач во вредност од 61.000 евра (цена без ДДВ, дидејќи со дејноста ДДВ се повратува). Набавивме две комбинирани возила за потребите на работните групи од секторот водовод во вредност од 1.000.000 денари ( без ДДВ).  На резервоарот кај Моин монтирана е монтажна барака за потребите на вработените со што се подобрени условите за нивен престој за време на службата. Набавени се работни одела - униформи за сите вработени во секторот водовод и канализација, и теренските работници и тоа летни одела, зимски одела, и кондури, сето во вредност од 800.000 денари сопствени средства од обавувањето на законската дејност.
Набавени се 120 нови контејнери од 1,1 м3 во вредност од 1.050.000 денари, потоа, канти за отпадоци (61 на број) за градската зона во вредност од 305.000 денари. Сето тоа се набавки од сопствени средства од заштеди од обавување на редовната дејност.
Што значи финансиката кондиција на „Комуналец“ од денот на превземањето до сега, при крајот на 2018 можам слободно да речам дека е зголемена за два пати, преку остварени заштеди во работењето, економичност и продуктивност до солидни вложувања на приходуваните средства повторно за подобрување на квалитетот на работењето и испорачаните услуги кон нашите корисници, како граѓаните, така и правните лица, фирмите.

GevgelijaNET: Направивте солиден капитален отскок во 2018 година. После добар старт редно е да се очекуваат и поволности и други зафати во следната 2019 година, ако веќе на терен покажавте дека Ви е апсолвирана дејноста, потребите и испорачаните услуги кон корисниците. Што ново и поволно да очекуваме од најголемото и единствено јавно комунално претпријатие во Општината во текот на 2019 година?

Зумров: Во 2019 година започнува со имплементација на одобрениот грант од KFW Банката во вредност од 2,5 милиони евра. Консултатнот за негова имплементација согласно проектниот договор со Банката насочен кон подобрување на условите за водовод и канализација во Општината е во фаза на избор. Потписници на договорот се KFW Банката, Оптина Гевгелија и ЈПКД „Комуналец“. Во план сме и во договор со општината дел од овие средства да ги насочиме за изградба на водоводна и канализациона мрежа во населбите Мрзенски рид, Касарна и Караорман. За жал, сведоци сме дека во овие населби минатата локална власт продаде плацеви, наплати од новите сопственици комуналии, комунални такси, а имателите на плацеви и до денеска немаат изградено функционална водоводна и канализациона мрежа до плацот, или до домовите кои веќе се изградени во тие населби. Ние како Комуналец не сме корисници на комуналната такса, за тоа треба да сноси одговорност минатата локална власт која ги наплатила средствата, а не ги обезбедила граѓаните со пристојно неопходни комунални услови. Општината како корисник на комуналната такса треба да ја превзеде таа грижа, а ние како „Комуналец“ сме подготвени таквата новоизградена мрежа да ја поврзиме со постојната водоводна и канализациона мрежа за нормално функционирање на комуналните услови и во тие делови од градот.

Исто така, во овој инвестиционен грант од 2,5 милиони евра наш предлог е и со препорака на Владата на РМ да се инвестира во изградба на нова водоводна и канализациона мрежа од Негорските Бањи до ТИРЗ зоната кај Прдејци и Негорци. Овие две населени места сега имаат подеинечни водоводни системи, но целта е тие да бидат поврзани и станат дел од централниот водоводен и канализационен систем на општината, поврзан со Гевгелија и Пречистителната станица. Со тоа Транспортно инвестиционата развојна зона кај Прдејци (ТИРЗ) конечно ќе добие вода неопходна за обавување на било кој производен процес на овој простор од страна на заинтерсираните инвеститори кои веќе имаат пројавено интерес и кај Владата, и кај локалните општински служби.

Третиот сегмент од грантовата линија од KFW Банката би се употребил за изградба на нова водоводна линија од Гевгелија - Граничен премин Богородица - село Богородица, кој е сега во лоша состојба.
Се надевам дека уште во првото тримесечје од годината ќе заврши постапката за избор на консултант за работа на проектите одобрени со грантот од KFW Банката, па после објавата на меѓународен тендер за јавни набавки ќе можеме да ги конкретизираме веќе посочените планови што треба да се спроведат на терен. Тоа се нашите планови. Средствата се обезбедни. Остануваат само правните постапки и работата која посакуваме да биде квалитетно реализирана од страна на изведувачите кои ќе бидат избрани на меѓународен тендер.


GevgelijaNET: Ова се долгопроектни инвестирања на кои повторно ќе навратиме во текот на нивната реализација, за која се надеваме ќе сакате да ги известите граѓаните. Што со најавите за инвестирања во нова зграда на Комуналец? Ќе трошите ли пари и за нови згради?

Зумров: Планираме комплетна санација на кровната конструкција на деловната зграда на „Комуналец“. Ова е градба од 1955 година, стара веќе 63 години и освен фасадните дотерувања и замена на столарии не доживеала друга санација цели шест децении. Тоа се надевам ќе не отргне од сликата на прокапани плафони.
Позади објектот имаме простор за функционален паркинг за потребите на „Комуналец“ и посетителите, заради растеретување на непрописно паркираните пред нашата деловна зграда на просторот на улицата „7-ми Ноември“ која од кружниот ток е фреквентно доста активна. Планираме бетонирање на паркинг просторот, алеи со зеленило, цвеќе и оплеменување на просторот во источниот дел на плацот од зградата каде исто така функционираат наши работни одделенија од дејноста на фирмата.


GevgelijaNET: Колку сите овие новини ќе го оптеретат џебот на граѓаните. Знаеме грантот е неповратен извор на средства, но останатите инвестирања кои ги спомнавте ќе се потпрат на сопствените инвестирања.
На 18-та седница на Советот на општина Гевгелија предложивте, а Советот ви ги усвои одлуките за покачување на услугите за вода, канализација и прочистување на отпадни води. Дали во 2019 година граѓаните треба да очекуваат ново темпо на порст на цените на услугите на Комуналец?

Зумров: Не. Ние тие одлуки ги донесовме во август 2018 година и се однесуваа за 2018, 2019 и 2020 година. Вкупната комунална услуга која „Комуналец“ ја испорачува до граѓаните ќе требаше да се зголеми вкупно за три денари за сите три услуги, но на мислење сме со Управниот Одбор на ЈПКД уште во текот на јануари 2019 да ја ревидираме оваа одлука и да ги задржиме сегашните цени на услугите кон граѓаните. Се разбира, согласно новата регулатива на цените на водата и комуналните услуги на водостопанските претпријатија во државата, ние за оваа одлука ќе треба да добиеме согласност и од Регулаторната комисија за води на РМ. Согласно нашето досегашно работење и финансиски резултати, наплата и инвестирања на мислење сме дека Регулаторна комисија ќе го одобри нашето барање за НЕ ПРОМЕНА на цените на услугите на Комуналец за 2019 година.

GevgelijaNET: Ова би била вистинска новогодишна честитка за граѓаните - во годината која расте со уште една единица бројка да добиваат услуги од „Комуналец“ со непроменета цена како вредносна бројка.

Зумров: Се надеваме дека и Управниот одбор, и Регулаторната комисија, и Советот на Општина Гевгелија ќе ја испорачаат заедно во корист на граѓаните ваквата ценовна честитка од „Комуналец“.

GevgelijaNET: А, Вашата лична честитка до граѓаните како директор на единственото јавно комунално претрпријатие која би била?

Зумров: Се разбира: Добро здравје, среќа и бериќет во Новата 2019 година! Повеќе да соработуваме, со отворени шалтери за идеи, барања подобри услуги кон граѓаните во местото каде тие живеат, за да станеме сите зедно достојни граѓани на едно модерно еколошки свесно и напредно општество со комунална свест и уреденост, достојна за секој жител на европска Гевгелија, за каква одамна се претставуваме и заслужуваме да бидеме; и се надевам, сите ние заедно со граѓаните на цела Македонија, како членка на Европската Унија во 2019 година! Среќни празници.

 

Last modified on Сабота, 29 Декември 2018 - 21:49

.

.


ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ:

Заменик министерот за локална самоуправа Павлески во посета на Гевгелија и

Работна посета на двете јужни општини Гевгелија и Богданци беше дел од

Повеќе

Собрание: членот 11 од Законот за помилување не постои

Собраниската Законодавно – правна комисија на денешната седница заклучи дека

Повеќе

Дводневен „Новогодишен базар 2019“ во Гевгелија

Од денес напладне во Гевгеија започнува традиционалната предновогодишна

Повеќе

„И ние постоиме“ - одбележан Светскиот ден на лица со посебни потреби во

Со дефиле низ улиците на Гевгелија, членовите на здруженијата на наши сограѓани

Повеќе

Од месецов минималната плата повисока за 2.000 денари

Минималната плата утврдена со закон од 1-ви декември изнесува 14.500 денари и

Повеќе

Пресуда: 13 години затвор за Тони Манџа за разбојништво во казино во Гевгелија

Тони Кечев (40 год) од Гевгелија, викан Манџа доби казна затвор од 13 години за

Повеќе

ТОП ТРИ пратеника „рекордери“ во патни трошоци

За три мандати седење во пратеничките клупи, односно вкупно 9 години,

Повеќе

Ученичката Јована освои трето место по физика на „Месецот на науката“

Ноември - „Месецот на науката“ донесе нови награди за учениците од Општинското

Повеќе

Собранието против уставните судии за „воскреснување“ на амнестија од Иванов

Пред пратениците во Собранието на РСМ пристигна иницијатива за толкување на

Повеќе

Проект за секундарна гасификација и нови инвестиции од 5,9 милиони денари во

Секундарна гасификациона мрежа за Гевгелија во фаза на проектна апликација пред

Повеќе

 
 

 
 

Не пропуштајте ...

2014 Сите права задржани © ГевгелијаНет
Не е дозволено превземање на вестите без писмено одобрување.