Дирекцијата за заштита и спасување на РМ во соработка со Владата на РМ денеска донираше специјално теренско возило за локализирање и гаснење на пожар на отворен простор и едно санитетско возило за пружање на прва помош на повредени лица за време на сообраќајќи и други непогоди.
Со донацијата се прошири постојниот возен парк на Територијалната Противпожарна единица во Гевгелија со што таа станува оперативно подготвена за брзи интервенции, особено важно пред претстојната сезона на високи температури и потенцијална опасност од опожарувања на отворен простор.
Возилата се веќе испорачани и паркирани во кругот на ТППЕ Гевгелија каде денеска градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков при посетата на ТППЕ искажа благодарност за донацијата и оцени дека возилата се добредојдени, особено во пресрет на новата летна сезона.
- „Овој региот, особено, во летните месеци е изложен на опасноста од пожари поради високите температури. Наша задача е да превенираме и да дејствуваме во случај на пожар. Сметам дека сега имаме технички добро опремена противпожарна единица, а за тоа придонесуваат секако и отстапените возила. Во прв ред, кога се работи за специјалното теренско возило, кое може да дејствува на отворен простор, како што се шумските и непристапни предели, но и автопатната делница, кога е загрозена од пожар. Како општина настојуваме постојано да го обновуваме возниот парк и опрема на ТППЕ-Гевгелија, која е посебно значајна и важна, бидејќи дејствува на терените на општините Гевгелија, Богданци и Дојран. За превентивната акција секако придонесуваат и едукативните акции што ги организира оваа единица, како со младите во училиштата, така и со вработените во стопанските капацитети и во граѓанскиот сектор“, истакна при средбата со вработените во Противпожарната единица во Гевгелија, градоначалникот Сашо Поцков.
Тој упати и апел до граѓаните на општина Гевгелија, во пресрет на летната сезона да бидат крајно внимателни и да не палат оган на отворен простор и кога престојуваат во шумските предели.