Невремето што го зафати подрачјето на општина Гевгелија на 23 јули годинава предизвика штети кај 314 физички иматели на посеви и правни субјекти. Толку пријави во утврдениот рок од три дена после невремето беа доставени до општинските канцеларии во Гевгелија, Негорци и Миравци.
Најмногу пријави за штети од невремето со врнежи од град се поднесени во канцеларијата во Негорци - 160, што потврдува дека во овој дел штетите се најголеми. Во канцеларијата во Гевгелија се поднесени 126 пријави, главно од земјоделците во Ново Конско и Мрзенци, а во Миравци 16.
Веќе е извршен увид во сите населени места зафатени од невремето од страна на петточлената стручна екипа што ја сочинува Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди.
- „Увид е извршен на секоја пријава, од секој поединечен подносител, за секоја парцела и посев посебно со заедничка одлука на сите петмина членови на комисијата за процентот на оштетувањето на посевите. Посетени се селата Негорци, Горничет, Серменин, Смоквица, Милетково, Мрзенци како и градот Гевгелија. Остануваат за увид уште 5 куќи во Негорци кои пријавиле на штета во градежниот дел. Потоа започнуваме со вредносната проценка на претрпената штета и изготвување на Елаборатот за штети“ - известуваат од Комисијата.
Според сликата од теренскиот увид на штетите врз посевите слободна проценка на Комисијата е дека сама три субјекта имаат штета до 100%, поголемиот дел од посевите, особено во Негорчко поле се со претрпени штети од 70 до 90% , а во помал број се штетите во појасот околу Негорци каде речиси беше најака градобијната сила на невремето, со проценета штета од 30 до 40%.
Останува до 15 август Комисијата да го подготви текстуалниот дел од Елаборатот за проценка на штетите од невремето со град од 23 јули, да ја утврди поединечната вредност на штети за секој пријавител и вкупната вредност на штетата според очекуваниот род од посевите, по цени дадени од Министерството за земјоделство на РМ.
На 30 дена од претрпеното невреме, значи до 22 август годинава, Советот на Општина Гевгелија треба да се изјасни дали го прифаќа елаборатот за проценка на штети и истиот доколку го прифати да го достави на одобрување до Втростепената Владина Комисија за обештетување од елементарни непогоди. Степенот, или процентот на обештетувањето од вкупно утврдената вредност на претрпената штета ќе зависи од Одлуката што ќе ја донесе Владата на Република Македонија.