Заврши декадата на буџетски недостижни желботеки „да планираме повеќе, па да се стремиме да оствариме“, за подоцна со ребаланс да се збришат сите нереализирани остварувања, а буџетот да се нивелира на реално наполнетата буџетска каса.
Така денеска Советот на општина Гевгелија, на својата 20-та редовна седница, го усвои нацрт буџет за 2019 година во вредност од 573.828.777 денари, или 9,3 милиони евра. Тоа е помалку за 6,4 милиони евра од планираниот буџет за 2018 кој првично изнесуваше 15,7 милиони денари, за со ребалансот во октомври годинава да спадне на 11,5 милиони денари.
Ваквиот тренд на буџетрање е согласно препораките на Министерството за локална самоуправа кој со затечената презадолженост на Општините по превземањето на локалната власт се соочија со долгови што не можеа да ги сервисираат месечно, ниту годишно, па се пристапи кон буџетска интервенција од Владата на РМ. При тоа, општините се задолжија проекциите на следните буџети да ги прават согласно тригодишните остварувања, зголемени само за 10%.
Во текот на расправата по буџетот за 2019, предлагачот, градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков изнесе:
- „Основниот буџет на општина Гевгелија за 2019 година го проектиравме врз основа на буџетските остварувања во општината во изминатите три години, односно, во 2015, 2016 и 2017 година, рече градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, предлагајќи го нацрт-буџетот пред советниците, истовремено, и одговарајќи на одделни нивни забелешки. Притоа, се водевме од главната цел и определба. Да го напуштиме популизмот и нереалните буџетски планирања, бидејќи тоа не е мерило за капацитетот и успешноста на општината. Сметам дека еден ваков значаен документ треба и се заснива на реалните остварувања на планираните буџети во последните три години, а на овие просечни износи додадовме уште 10%. Доколку во текот на наредната година обезбедиме сигурни извори не е никаков проблем со ребаланс да ги зголемиме приходните ставки“, рече Поцков во своето обраќање пред Советот на општина Гевгелија.
Најголем дел од приходите се планираат од трансфери и донации од државниот буџет за делегираните активности на локалната власт и тие изнесуваат 349.230.957 денари. Од даночни приходи се очекуваат 122.400.000 денари. Капиталните приходи, кои се планирани од продажба на градежно земјиште и нематеријално вложување, изнесуваат 25.020.000 денари.
Најголемо зафаќање од вкупните буџетски средства за идната година е планирано за капиталните расходи, кои се проектирани на 206.143.907 денари или 35,93% од вкупниот буџет, а ќе бидат наменети за изградба и реконструкција на градежните објекти, локалните патишта и улици во општината, реконструкција и изградба на водоснабдителни и канализациони системи, како и други капитални зафати.
Нацрт буџетот за 2019 доби зелено светло од мнозинството советници, а против гласаа шестмина членови на Советот од партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Највисокиот финансиски документ на општината деновиве ќе биде на јавна расправа пред граѓаните, месните заедници, бизнис секторот, НВО преставниците кои можат да дадат свои предлози. Доколку истите бидат издржани и општествено полезни можат да се најдат во втората фаза од носењето на буџетскиот документ, а тоа е предлог-буџетот за 2019 кој до крајот на месецот треба да се најде пред членовите на Советот на потврда и одобрување.