За една недела извршени девет кражби во Гевгелија. Ова го известува Полициската станица по општа надлежност во Гевгелија врз основа на пријавите доставени од оштетените граѓани.
Периодот на известување е 30 јули до 5-ти август кога беа во тек Илинденските празнувања и поврзаниот продолжен празничен викенд. Отсуството на домаќините ги охрабрило крадците да извршат кражби во три куќи, а не биле поштедени ниту нивите. За место на пријавените кражби биле наведени и улица, плажа, гробишта.
Причинетата материјална штета која е пријавена од оштетените изнесува 44.000 денари. Украдени се еден велосипед, паричник со лични документи и часовник, пиперки, пет мобилни телефони, три паричници со лични документи и пари, наочори, алишта.
Во полицискиот билтен кој го подготвува секторот за односи со јавноста при СВР Струмица, за изминатава недела е наведено дека се случила една сообраќајка, каде причината за несреќата во која едно лице било повредено била возење под дејство на алкохол.
Празничната недела не останала без нарушувања на јавниот ред и мир. Регистрирани се две нарушувања на јавниот ред и мир поради карање и викање и учество во тепачка.
Во наведениот период спроведена е една републичка акциска контрола „Прекршоци кои ги чинат возачите на велосипед со мотор, мопед и моторцикли“ при што не се откриени прекршоци по акцијата, освен 1 останат прекршок.
Значи внимавајте во сообраќајот и обезбедете ги своите домови.