Високата декемвриска температура од 15,3 степени целзиусови во текот на денот остава чувство н ладна зимска атмосфера поради присуството на силниот ветер во Гевгелија.
Повеќе од 20 часови Гевгелија е на удар на налет на ветер од северен правец кој поради својот брановиден ударен интензитет добиваат карактер на рафална појава.
Ветерот започна синоќа во 22:30 часот и со засилен интензитет продолжи во текот на денешниот ден со јачина од 15 до 20 метри во секунда.
Најјакиот удар е регистриран денеска во терминот од 18:05 часот, кога ветерот достигна јачина од 20 метри во секунда. Ова според метричките инструменти претставува ветер со брзина од 72 километри на час.
Дежурниот метеоролог Тони Тодоров од гевгелиската метеоролошка станица, каде од први декември започнаа со 24 часовно работно време и континуирано следење на временските состојби во Гевгелија, изјави дека се очекува ладната северна воздушна маса која доаѓа од север да продолжи да го одржува ветровитото време и во текот на утрешниот ден.
Во 19 часот во гевгелиската метеоролошка станица измерена е температура од 8,3 степени целзиусови, но ладната воздушна струја остава впечаток за суво и многу поладно време.