И како после човек да им верува на политичарите? Оваа неколкудневна шарада со постапката на одземање на имунитетот на Трајко Велјаноски, уште еднаш покажа дека политичарите се или неспособни да истераат една релативно едноставна процедура во Собранието или се една збирштина од не баш препредени измамници. Мора да се согласиме дека и оваа партија покер се играше на многу несмасен начин.
Навидум преполна со пресврти и неизвесност, играта сега изгледа како да беше однапред наместена. Без оглед на тоа дали сѐ беше само лош театар или навистина постоеше искрена желба да се истера процедурата според законот, резултатот е ист. На крајот, не е ни важно дали имунитетот на Трајко преживеа или не. И онака премногу криминалци избегаа од земјава, почнувајќи од главниот кој си доби и експресен азил во Орбанистан. Останува грдата слика за македонските политичари, оние најважните, според Уставот, што ги носат законите и се директни претставници на граѓанките и граѓаните.
Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се обидува да ги попречува сите процедури, да ги кочи сите процеси. Јасно е дека нема да дозволи уште еден „нивен“ да изгуби имунитет, бидејќи, нели, „т“ немаат од тероризам и „к“ од криминал. Јасно е дека ДУИ е поврзана со ВМРО-ДПМНЕ со папочна врвца. И јасно е дека СДСМ нема доволно енергија, а по сѐ изгледа, ни волја да ги води процесите во Собранието, онака како што се очекува од една владејачка партија. Наместо тоа, гледаме само лоши и несмасни потези, голема врева за бадијала… Евтина забава за публика што сѐ поретко ја посетува претставата.
И што? Ќе побегне Трајко, ќе побегне и Миле, по некое време и Спиро… Половината криминалци ќе побегнат или ќе се притаат, другата половина ќе бидат амнестирани на различни начини, ќе ги зачуваат парите, па дури и ќе добијат и по некој екстра тендер, ќе ги задржат своите пиони во администрацијата, бизнисот, судството, полицијата, УЈП, регулаторните тела… Па првата половина ќе почне полека да се враќа во земјата и ќе се факторизира.
Целата колумна на Цивил Медиа на следниот ЛИНК.