Мене ми личи дека апелите на професорката Силјановска СДСМ да не ѝ ги извртува изјавите во негативен контекст се, всушност, пораки до нејзините политички покровители од ВМРО-ДПМНЕ да ја намалат екстремноста на својот пред-политички речник. Јасно ѝ е и нејзе дека е непримерен речникот на Мицкоски за судењето на насилниците од 27 април со споредбите со Нирнбершките процеси – токму во деновите кога се одбележува годишнината од Холокаустот во Македонија – како и на Јанушев дека, додека македонските „патриоти“ ќе лежат в затвор, убијците од „Монструм“ се шетале на слобода – како тоа да има врска едно со друго, особено што и „Монструм“ е уште еден, маркантен случај во кој замешателствата на претходната (како и во случајот со „Диво насеље“), вмровско-дуиевска власт се сè уште под правосуден третман?!
Тој вид на потпалувачки, крајно-десничарски вокабулар, кој претходно ескалираше со валканата пропаганда за „крвавите раце на Заев“ и со изоставувањето на етничките албански гласачи во повикот да се гласа за Силјановска, се исклучително опасен развој на предизборната конфронтација на која инсистира ВМРО-ДПМНЕ. Дури и Американците и Германците мораа да му закачат две-три заушки на лидерот на опозицијата, за тој малку да се соземе и да се „симне на земја“ во својот предизборен занес.
Па и самиот изборен слоган на Силјановска – „Гордана Силјановска Давкова е жената која во април машки ќе се бори во претседателската трка“ – е една типична десничарска, силеџиска, мизогена глупост според која не може жена од ВМРО-ДПМНЕ, евентуално, да победи на избори, доколку не покаже машки хормони или барем тетоважа со кама и нагант на бицепсот. Тиквари. „Умри машки“, работава. А изборниот спот ѝ се вика „Една жена ветува промени“… На што? На полот?
Извор: Цивил Медиа - целата колумна можете да ја прочитате на овој ЛИНК.