Топ Новости

Ана Брзанова - лицето на победата на една гевгеличанка - од перика до остварен сон

Вторник, 16 Ноември 2021

21 годишната гевгеличанка и актуелна „Miss Eаrth North Macedonia“ Ана Брзанова уште ги полни светските медиуми со настапот на светскиот избор на Miss Eth 2021, а домашните уште ја актуелизираат приказната за нејзината животна победа - Го победила канцерот. На 18 години за матура била со перика, а на 21 година вели дека го живее својот сон„

- „На 17 години ми беше дијагностициран Хочкин лимфом, трет стадиум, но бидејќи лимфните жлезди ги има низ целото тело, операција освен за анализа немаше за нешто друго, па така целата надеж беше хемотерапијата. Јас ги имав сите можни негативни ефекти, а најмал проблем ми беше губењето на косата и носењето перика.“, искрено раскажува инспиративната Ана Брзанова (21) за crnobelo.com. Taa годинава ja претставува Македонија на изборот за убавина „Miss Earth“.

Горди сме што токму таа нè претставува пред светот. Ана е мисица која учествувала на доста интернационални избори за убавина, а моментално ја претставува Македонија на светскиот натпревар Мис на Земјата (Miss Earth) кој наместо на Филипините, поради пандемијата се одржува онлајн, виртуелно.

Таа е стипендистка на Американски универзитет на Европа ФОН, студира финансиски менаџмент, а покрај тоа се занимава со моделство и манекенство, и учествува на интернационални избори за убавина. Доаѓа од Гевгелија, и како второ хоби ја истакнува кошарката, а скриена пасија и страст и е готвењето.

За најтешката битка во нејзиниот живот таа искрено проговори за CRNOBELO.com:
На колку години ја доби дијагнозата рак на лимфни жлезди? Како се справи со шокот?
Дијагнозата ја добив на 18-ти септември 2017, на мои 17 години. Иако беше огромен шок, како во првите моменти така и понатаму, јас бев онаа која ги тешев своите родители додека плачеа за битката што нè очекуваше.

Што направи прво? Како изгледаше процесот на планирање на лекувањето?
Првиот момент кога ја добив својата дијагноза, искрено си прозборев неколку реченици во себе, и си реков задоволна сум што сум преживеала досега, убав впечаток ќе оставам во општеството, доволно е и ова што го имам видено и направено. Меѓутоа тоа не беше крајот на мојот живот иако првата секунда изгледаше така.
По разговорите со лекарите дека нè очекува тешка битка, хемотерапија и зрачење, прво нешто што направив ја скратив својата коса до рамена, за да испробам нов стил на фризура пред целосно да ми падне косата.

Кој ти беше најголема поддршка и без кого не би го издржала целиот овој процес?
Моите родители, но и самата јас. Се борев за нив, се борев и за самата себе. Тие беа и останаа најголемата поддршка во најтешките и најубавите моменти, мислам дека посветата да не ме гледаат таква без коса, анорексична, плачејќи од болки, беше мотивот да се борам и издржам. И нормално се борев за секое ново утре, се борев за непроживеаните најубави години, се борев за сите убавини кои следат во животот.

Како реагираа пријателите кога им ја кажа дијагнозата? Како ѝ пристапија на ситуацијата?
Со еден збор чудно. Тогаш ги видов вистинските пријатели и сфатив кој сака да подаде рака во најтешкото. Нивната реакција беше нормално не веруваа, мислеа дека се шегувам, меѓутоа оние вистинските ги имаа солзите во очи уште првиот момент кога ја имав дијагнозата.

Што значи да се прима хемотерапија? Имаше ли негативни ефекти, како се справи со истите?
Морам ама морам да нагласам на почеток дека секој е различен организам и секој се справува на различен начин. За мене хемотерапијата беше пекол, за мене терапијата беше убиство. Да се прима хемотерапија, значи убивање на сите клетки, здрави и нездрави во своето тело, примањето беше преку инфузии, циклусно на секои две недели.
Првото примање на хемотерапијата беше врвот. Седната на столчето во дневна соба на Хематологија, полека почнува процесот, и подготовките, и ме известуваат дека постепено ќе примам еден лек од терапијата на кој еден од 200.000 луѓе може да биде алергичен, но нема потреба од паника бидејќи тоа е реткост. Но за жал јас бев таа, која беше алергична на најбитниот лек во хемотерапијата, за што сите бевме скептични за мојата битка.
Бев дијагностицирана со Хочкин лимфом, трет стадиум, но бидејќи лимфните жлезди ги има низ целото тело, операција освен за анализа немаше за нешто друго, па така целата надеж беше хемотерапијата. Јас ги имав сите можни негативни ефекти. Од прв ден до последен.
Повраќање секој ден, затоа ослабев многу и станав анорексична, огромни неиздржливи болки во коски, огромни болки низ уста хранопроводник и непце, што придонесе по секое примање на терапијата да не можам да јадам, ниту зборувам, притоа не можејќи да ја отворам устата, и сето тоа во континуитет неколку дена.
Постојано со солзи од страшните болки, се мачев и јадев, а како дејство на терапијата, повраќав и постојано така во круг. Болките ги имаше буквално насекаде и беа тотално неиздржливи. Вистински пекол!

Најмал проблем ми беше губењето на косата, и носењето перика покрај сите овие негативни ефекти.

Претпоследната терапија беше пред мојот 18-ти роденден, така што за последната терапија бев полнолетна, и барав потпишување на согласност за да се откажам од примањето на последната терапија, бидејќи јас мислев дека ќе ме снема од терапијата, а не од канцерот. После свиканиот конзилиум од страна на лекарите, едногласно беше одлучено дека нема да примам повеќе хемотерапија, туку ќе се продолжи со радиотерапијата, односно зрачење.

Зошто медицинските лица од хематологија се луѓе со срце планина?
Јас поради овие сите негативни ефекти и алергијата, бев принудена да ја примам хемотерапијата на стерилното одделение каде што бев изолирана од сите, и имав контакт само со медицинскиот персонал. Моите родители ги гледав едвај ако имав сила да станам до прозорецот, и да им мавнам со рачето.
Во тие моменти, медицинските лица кои беа на тоа одделение и имаа единствен контакт со мене, беа моите родители, грижејќи се за мене, а како најмлад пациент на одделението ја добивав секоја поддршка и помош ментално и физички во секој момент. Навистина имаат срце планина, бидејќи само таквите лица можат да имаат емпатија, поддршка, љубов и помош за илјадници пациенти.

Како помина со зрачењето? Тежок ли е овој дел од лекувањето?
За мене не беше тежок дел после сè што поминав со хемотерапијата. После тие огромни болки за кои нема зборови кои може да ги опишат, за мене зрачењето беше многу едноставно.
Имав главоболки од тој процес, но искрено не ја регистрирав таа болка знаејќи низ какви поминав претходно.

Што ти падна најтешко во текот на целиот процес?
Најтешко ми беше борбата со хемотерапијата, да се борам против тоа зло, и да се борам за наредното утре. Дополнително во сето тоа, тешко ми беше да се соочам со тоа што пријателите што мислев дека се вистински сепак не биле.
Тешко беше што бев во најубавите години, па својот 18-ти роденден како и матурата ги прославив со перика и анорексична. Тешко ми беше да го немам социјалниот живот, и излегувањата и прошетките, а дополнително ми отежна што не одев на училиште и се разделив од мојот клас преку ноќ.

Секој ги води животните битки на свој начин, како ја водеше ти твојата? Која работа ти беше издувен вентил и ти даваше енергија да го издржиш процесот?
Кај мене немаше простор за некаква активност која би била издувен вентил, едноставно негативните ефекти од терапијата преовладуваа, и бев легната во кревет со месеци, па единствено се борев за сите непроживеани моменти кои ме очекуваат и се борев за моите родители кои беа во секој можен момент покрај мене.

Најдобриот совет што ти го дадоа за процесот на лекувањето е…
Нема таков, јас не го добив, но затоа можам од своето искуство да го пренесам на останатите кои се борат или имаат близок кој се бори. Никогаш не се откажувајте! Верувајте во себе, бидејќи сите можеме само доколку сме посветени на тоа. Главата горе и бидете стабилни психички, тоа само ќе ве одржува силни во цел период.
Како викаат, сè се може ако се сака. Затоа никогаш не се откажувајте колку и да се тешки тие моменти, и сетете се дека секогаш после дождот доаѓа сонце.

Сметаш ли дека болеста те направи посилна?
Дефинитивно. Созреав и пораснав многу порано, затоа што животот ме соочи со овие предизвици предвреме. Тоа беше најголемата лекција, која ме изгради во личноста што сум денес.

Направи ли промени во исхраната? Како изгледа твоето дневно мени?
Во моменти на примање на терапија имав забрана за користење на шеќери, бидејќи ракот се храни со гликозата. Моментално сум на диета бидејќи претерав со калориите кога во рок од 4 месеци бев на два натпревари во Турција и нормално не можев да одолеам на баклавата.
Немам посебна исхрана, а моменталното дневно мени е одредено од мојот персонален тренер.

Порака до сите што во моментот минуваат низ истото…
Верувајте во себе! И борете се за ново утре, за сите убавини и моменти кои следат! Никогаш ама никогаш не се откажувајте, вреди да се бориме, бидејќи животот е еден.

И пак ќе се навратам на погоре кажаното, после дождот секогаш доаѓа сонце.

 

 

.

.


ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ:

ОВР Гевгелија: Кривични пријави против тројца вработени во ЈП „Комуналец“

Одделението за внатрешни работи Гевгелија до Основно јавно обвинителство

Повеќе

Најава за првиот студен бран и минусни температури

Подгответе се за минуснуте температури кои доаѓаат - најавува метеорологот

Повеќе

Празнична Литија за Пресвета Богородица - Согленска

Денеска претпладне, во 09:00 часот во манастирот „Свети Спас“ во Гевгелија ќе

Повеќе

Еко патрола во Негорци

Еколошките амбиции на локалните фактори ги има со години наназад во нивните

Повеќе

Приведени тројца дојранчани,при претрес пронајдени докази од криминални дела

Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници од ОВР Гевгелија - Полициско

Повеќе

ВИДЕО реконструкција на патот Струма каде настана несреќата на автобусот

Бугарски абтомобилист и стручњак за сообраќајна безбедност на патиштата Мите

Повеќе

Лулзим - Херојот за 7те преживеани од несреќата во Бугарија

Лулзим Сулејмани од Прешево е еден од преживеаните патници од вчевашната

Повеќе

Maкедонски автобус се запли во Бугарија - 45 жртви

Претежно млади луѓе и деца се загинатите во несреќата во Бугарија. Според

Повеќе

Сарамандов ја започна својата работна агенда со проекти од претходникот

По приморедавањето на функцијата градоначалник на општина Гевгелија помеѓу

Повеќе

Дестини Вагнер од Белизе е Мис на Земјата за 2021

Дестини Вагнер (Destiny Wagner) од Белизе, влезе во историјата за Белизе во

Повеќе

 
 

 

 
 

Не пропуштајте ...

2014 Сите права задржани © ГевгелијаНет
Не е дозволено превземање на вестите без писмено одобрување.