Сообраќајката се случила во првиот час од почетокот на денешниот неделен ден, на местото викано „Луда Мара“.
Учесници во несреќата се две возила: мопед и патничко моторно возило. Трагичен крај имал возачот на мопедот.

Во полицискиот извештај стои наведено дека:
„На 12.06.2022 во 01.00 часот било пријавено дека на регионалниот пат - обиколница Богданци, на крстосница кај место викано „Луда Мара“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу мопед „Баотиан-БТ49“, со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од Е.С.(46) од с.Стојаково и патничко возило „Форд Мондео“, со кривопаланечки регистарски ознаки, управувано од Р.Г.(41) од Нов Дојран“ - известуваат од ОВР Гевгелија..

На местото на несреќата починал возачот на мопедот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош.

На местото на несреќата денеска бил извршен увид од Јавен обвинител од Гевгелија и увидна екипа од Полициската станица Гевгелија.



Заедничка света литургија на архиескопот охридски и македонски Стефан со Вселенскиот Вартоломеј одржана денеска во соборниот храм „Свети Георгиј Победоносец“ во Фанар (Истанбул) се одвива и на македонски јазик што само по себе е историски чин.

Во четвртокот вселенскиот патријарх Вартоломеј на архиепископот Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската архиепископија (ОА) во богослужбено и канонско единство.

На литургијата во Фанар присуствува владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски.

На Патријаршиската и синодална литургија премиерот ги прочита молитвите Симболот на верата и Оче наш. На премиерот му беше укажана чест , со тоа што му беше дадено да ги прочита молитвите „Симболот на верата“ и „Оче наш“ во име на народот на својата земја.
Ова е традиција во Вселенската патријаршија за време на одржување на литургија.

Ова е прва заедничка Патријаршиска и синодална света литургија по примањето на Охридската архиепископија во богослужбено канонско и ерархиско единство со останатите православни цркви, со што се отстрани повеќедецениската изолираност наложена врз нашата Црква.

-„Честитки за сите граѓани а особено за македонскиот народ. Сите сме горди за денешниот историски настан и литургија, на Македонски јазик, потврда за нашата македонска посебност и идентитет“, објавија од СДСМ на нивната официјална страница на Фејсбук по повод денешниот историски чин што се уште трае во Вселенската патријаршија.

Среда пред полноќ дојранчанец пријавил дека бил физички нападнат.
Пријавата е заведена во полицискиот дневник на Полициската станица во Нов Дојран во 23:45 часот, на 08.06.2022 год.

Лицето Ф:С. (31 годишен), жител на Нов Дојран пријавил дека средата, 8 јуни, во 20:30 часот во угостителски објект во Нов Дојран бил физички нападнат од С.С. од Нов Дојран.

За мотивот на физичката пресметка, за релациите меѓу .Ф.С. и С.С. нема податоци во извештајот. Трите часа разлика од моментот на физичката пресметка до моментот на пријавувањето на инцидентот не укажуваат за времетраењето на тепачката, за нивото на повреди, или последици од физичкиот контакт меѓу двете лица.

Од ПС Нов Дојран известуваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.



Маките на мигрантите не завршуваат, а ниту извештаите на МВР за инциденти со нелегални премини, нелегални превози, спречен нелегален транспорт на мигранти низ нашата земја. Последниот случај е со трагичен крај за мигрант кој вчера е пронајден мртов на Граничен премин Богородица.

Во полицискиот извештај стои следново:

- „На 09.06.2022 (четврток) во 01.45 часот било пријавено дека на Граничен премин Богородица, во меѓупросторот на коловозната лента било забележано лице – мигрант без знаци на живот. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а увид на местото извршиле Јавен обвинител и екипа од Полициската станица Гевгелија“- соопштуваат од МВР.

Во извештајот не е наведена причината за смртта на мигрантот и како таа настапила, дали од здравствени проблеми, дали од изнемоштеност, дали по насилен пат. Сето тоа треба да го одговори обдукцијата.

Поради тоа, по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција.



Со пригодни рецитали, ценски настапи, музички изведби и осмислени танцови точки синоќа учениците од ова гевгелиско училиште беа главните актери на свечената академија по повод 64 гдшнината од нивното основање и патронот, книжевник публицист, револуционер Крсте Петков Мисирков.

Со своето знаење прикажано пред бројната публика која ја преполни салата на Народниот Театар во Гевгелија учениците од ООУ „Крсте Мисирков“ го потврдија мотото на програмата „Растеме, траеме и опстојуваме“. Тие растат и физички и со своите стекнати знаења во училиптетто, образовните вредности на училиштето се трајни и секој ученик ги понсеува со себе, а установата опстојува од минатиот век од 1964 година па до денес, подготвувајќи бројни генерации со знаења за животот.

Погледнете дел од сценските настапи и фото галеријата од синоќашното одбележување на патрониот празник на училиштето.

Судот ја изрече пресудата за случајот Талир 2: поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, доби затворска казна од шест години, а поранешниот генерален секретар на партијата, Кирил Божиновски, двегодишна условна казна за случајот „Талир 2“ кој се однесува на изградбата на партиското седиште.

Судот бара и конфискација на партискиот имот.

Белата палата во Скопје вредна 7 милиони евра, и повеќе од 20 партиски седишта низ државата купени со 2 милиони евра ќе бидат конфискувани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пресуди Кривичниот суд во „Талир 2“. Партиското седиште што го изгради Бетон било незкаонски стекнато врз основа на договорот кој бил несразмерен. Бетон немал финансиска корист од него. Но во тоа време градежната компанија над 70 проценти од приходите ѝ биле од тендери од државни и локални јавни претпријатија, објаснуваше судијката Даниела Алексовска Стојановска при читање на пресудата, според која и останатиот имот низ државата бил купуван со незаконски стекнати пари Седиштето вредело 800 илјади евра, а за возврат добиле објект вреден 7 милиони евра

Експремиерот Никола Груевски со оваа петта пресуда по ред за него доби нови 6 години затвор а екс генералниот секретар Кирил Божиновски условна казна. Постапувале по лични и тесно партиски интереси и ја злоупотребиле службената положба.

За адвокатскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ целта на судскиот процес била токму конфискацијата на имотот. Ќе ги користат сите правни можности да ја сменат ваквата пресуда.

Ова е прва пресуда за Божиновски а петта за Груевски, досега има затворски казни од година ипол до 9 години за Тенк, ТНТ, Насилство во Центар и Плацеви на Водно.



Гевгелиската гранична полиција рано утрово имаше успешна акција за сузбивање на илегален транспорт на 40 мигранти преку нашата граница и при тоа ги лиши од слобода актерите на криминалното дејство.

Во полицискиот извештај е заведено дека:
„Денеска (08.06.2022) во 04.30 часот полициски службеници од Полициска станица за граничен премин и граничен надзор Богородица, кај место викано „Табла“ кај с.Богородица ги лишиле од слобода А.З.(24) и Ј.С. двајцата од с.Копачин Дол, тетовско. Имено, при извршена контрола на товарно возило „Форд транзит“, со скопски регистарски ознаки, управувано од А.З., во кое совозач бил С.Ј. биле пронајдени 40 лица мигранти (30 од Пакистан, 6 од Авганистан и 4 од Индија)“ - се вели во извештајот на ОВР Гевгелија.

Поради основано сомнение за извршено кривично дело „криумчарење на мигранти“, возачот и совозачот се приведени во Полициска станица Гевгелија и по документирање на случајот против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Лицата мигранти се пренесени во Прифатно-транзитен центар „Винојуг“ Гевгелија.



По повод 25 год.од издавањето на првата книга „Хари Потер“ и 20 год. прикажувањето на првиот филм снимен според оваа популарна детска книга, кај нас се организираа литературни и ликовни конкурси на тема од оваа инспиративна серија од книхи за Хари Потер.
Конкурските со овој тематски опсегг беше објавен и проследен во организација на издавачките куќи „Арс Ламина“ и веб-страницата literatura.mk кои распишаа литературни и ликовни конкурси.

Учениците од СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија постигнаа одлични резултати освојувајќи ги следните награди:
ПРВА награда освои Нена Стојкоска од II-4 клас;
ВТОРА награда освои Никол Стојкоска од II-4 клас

На конкурсот учествуваа и учесниците: Ивана Грујиќ I-1, Билјана Јанчева I-2, Катерина Удовалиева I-5, Софија Арнаудова и Ефтим Стоев од II-1 клас

СОУ „Јосиф Јосифовски“ изрази голема благодарност до наградените ученици и сите учесници на конкурсот од СОУ.
Имагинацијата го менува животот, а ликот на Хари Потер ја збогати авторката Џ.К.Роулинг. Браво за вредните ученици!



Опожарување и предизвикување општа опасност е причина за поднесената кривична пријава кон возрасен жител на Валандово.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Валандово поднесе кривична пријава против М.В. од с.Јосифово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување на општа опасност“.

На 27.04.2022, пријавениот со употреба на запалива течност предизвикал пожар на влезната врата од семејната куќа, во која во моментот била неговата снаа со нејзините три малолетни деца.

Пожарот го изгаснала сопругата на пријавениот.

Полицијата не наведува кои се причините за опожарувањето на влезната врата, ниту возраста на сторителот. За мотивот, доказите за кривичното дело и определувањето вина, како и степенот на одговорност кое го бара СВР со кривичната пријава ќе постапува и ќе се изјасни Основното Јавно обвинителство во Гевгелија.



Со еколошки акции, акции за пошумување на подножјето на Кожуф, акции за чистење на локации од планината над Гевгелија, ликовни работилници за деца, фото изложба, како и дводневна планинарска акција која се организира овој викенд се дел од активностите на ЗПСК „Кожуф“ Гевгелија во знак на одбележување на своето 7 децениско постоење.

Синоќа пред членовите и поддржувачите на планинарскиот спортски клуб од Гевгелија беше одржана пригодна церемонија на одбележувањето на јубилејот. Настанот имаше и споменични сеќавања за почетоците на формирањето на клубот, но и многу благодарност до сите кои го поддржаа, а особено за оние лица кои со своите несебични активности во рамките на клубот оставија траен белег и афирмација на планинарскиот спорт, а особено ПД „Кожуф“ и неговиот трансформиран современик ЗПСК „Кожуф“.

Постхумна плакета и признание доделени се на Танчев Гоце за особен придонес кон развој и афирмација на Планинарски клуб Кожуф, како и на д-р Ѓорги Петков, првиот патник на Хималаите од Гевгелија кој мисијата ја заврши трагично на 7.200 мнв од Монт Еверест.

- „Огромна благодарност до Здружение Планинарски Спортски Клуб „КОЖУФ“ од Гевгелија, /ЗПСК „КОЖУФ Гевгелија што и низ годините, со честа за именувањето на планинарскиот камп за млади "Танчев Ѓорги - Гоце" и на нивниот 70 годишен јубилеј ја препознаа и запаметија единствената негова љубов - љубовта кон планината и клубот, на кој во неколку наврати беше и Претседател“ - изразија благодарност од семејството на Гоце кој прерано ги напушти планините и животот.

Овој викенд јубилејниот гевгелиски планинарски клуб по повод 70 години од своето формирање, организира дводневна планинарска акција на Кожуф планина со ноќевање во шатори на Марково Езеро 2030м. а ке се искачуват врвовите Порта 2.097мнв,. К92 со 2.112мнв. и Момина Чука 1.851 мнв. Секој учесник на акцијата добива спомен маица драи фит со лого 70 години ЗПСК „КОЖУФ“ Гевгелија.


За јубилеецот:
Здружение Планинарски Спортски Клуб КОЖУФ Гевгелија е формирано далечната 1952г. од наши сограѓани, преживеани борци од НОБ. А за прв Претседател на Планинарското Друштво бил назначен Тодор Георгиев - Митре од Гевгелија, Планинарското Друштво почнува поинтензивно да работи од 1974г. со организирање на планинарски акции кога за Претседател на друштвото е избран судијата Ристо Танев, а за секретар на друштвото е назначен младиот планинар Димитар Ичоќаев.

Низ годините друштвото полека почнува да се зголемува со членство и да се реализираат се повеќе планинарски акции, во деведесетите години почнуват да се организират и првите големи експедици Мон Блан 1995, Аконкагва 1997, Килиманџаро 1998, а наши членови се вклучуваат и во други експедиции.
Во 2018-та Планинарското Друштво се усогласува со новиот закон за спорт и од Планинарско Друштво се преименува во Здружение Планинарски Спортски Клуб КОЖУФ Гевгелија. Клубот денес брои 200 членови, и организира планинарски акции секој викенд од локален, републички и меѓународен карактер, а просекот на членови кои учествуваат на акциите е 25.

Свечената меморијална јубилејна програмска вечер со пригодна изложба и слајдови од акциите низ годините со членовите на ЗПСК „Кожуф“ се одржа синоќа пред платото и во фоајето на Народниот театар во Гевгелија. 

 

Страница 7 од 229

 
 

 

 
 

Не пропуштајте ...

2014 Сите права задржани © ГевгелијаНет
Не е дозволено превземање на вестите без писмено одобрување.