Урбана инсталација во форма на срце, изработена во знак на благодарност кон хуманоста на семејството на Емилија Динева, првиот донор на срце и органи во нашата држава е веќе поставена во градскиот парк во Стар Дојран.
Со ова уметничко дело се оддава неизмерна почит и благодарност до семејството на Емилија Динева за несебичниот и херојски чин и преку јазикот на уметноста се поттикнува органодарителството како врв на хуманост и можност за спасување на стотици животи.
Андреј Миневски е креаторот на скулптурата, а идејата е да се овековечи дарувањето на органи како еден од највисоките чинови на човековата хуманост и можност кога еден живот згаснува друг да започне.
Токму затоа и тематиката на скулптурата но и нејзината визуелност ја третира и темата на бесконечноста и начините со кои човекот може да се поврзе со бесконечноста преку постојната размена на енергии и материи.
На овој начин авторот го овековечува херојството на Динева, односно нејзиното семејство, отворајќи и го патот до бесконечноста и незаборавот.
Реализацијата на проектот е на Центарот за современи уметности – Скопје и Општина Дојран со финансиска поддршка од Фондацијата отворено општество – Македонија.