Грчки државјанин утрово, на 15 минути после полноќ, бил спречен од полициски и царински службеници да шверцува цигари. При царинскиот преглед кај него биле пронајдени 1.250 кутии со цигари, кои се акцизна стока и подлежат на царинење.
Во извештајот на МВР стои наведено дека:
„Денеска (07.12.2022) во 00:15 часот на граничен премин Стар Дојран, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Стар Дојран, во координација со царински службеници откриле кривично дело „криумчарење“ по член 278 од Кривичниот законик.
При преглед во патничко возило „Ауди А8“ со црногорски национални ознаки, управувано од С.П.(66) од Република Грција, во посебни прегради во багажникот биле пронајдени 1.250 кутии цигари за кои не поседувал документација.
Возилото и цигарите биле преземени од Царинската управа за понатамошна постапка.“
Според Кривичниот законик на РСМ обидот за криумчарење акцизна стока е казниво дело, а законодавецот во член 278 пропишал за сторителот казна затвор од шест месеци до три години и парична казна.