Со фантастични 24,2 милиони денари загуба во работењето за првите девет месеци од годината, гевгелиски „Комуналец“ надвор од здравата логика и надвор од словото на законот доби „зелено светло“ за својот 9 месечен финансиски извештај усвоен од мнозинството во Советот на општина Гевгелија, кое го сочинува ВМРО-ДПМНЕ.
Без мислења и насоки за надминување на финансиските проблеми на ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија Управниот и Надзорниот одбор на претпријатието доставија позитивни мислења за извештајот за работењето на ЈПКД за периодот од 01.01. до 30.09.2022 година и мислењата ги упатија до Советот на општината.
– „За 9 месеци загуба од фантастични 24.000.000 денари и Надзорниот и Управниот одбор даваат позитивно мислење без никаква забелешка, препорака, насока или слично, како СЕ’ да е во најдобар ред. Еве јавно ги прашувам членовите на Управниот и Надзорниот одбор дали знаат за што даваат позитивно мислење без ниедно укажување? Дали ги знаат нивните обврски како членови во тие одбори?“- праша од говорницата Атанасов Миле (СДСМ) на одржаната 20 седница на Советот на општина Гевгелија.
Одговор од членовите на Управниот и Надзорниот одбор не доби зошто никој не ги повика на седница.
Одбивање да расправа по извештајот и да гласа по истиот одби советникот Томе Кичуков од причина што мнозинството манипулира со останатите членови на Советот.
– „Тука не е важно што ние советниците бараме, предлагаме. Важно е мнозинството да си ги задоволи личните потреби, потребите за вработувања на поединци, (а еве не е ни тука, сега ќе дојде – мисли на советникот од ВМРО-НП кој „испазари“ вработување на сопругата во ЈПКД „Комуналец“ за својот глас „за“ за покачување на цената на ѓубрарината по м2 стамбен простор и дворна површина), мнозинството да е на број“ заклучува Ќичуков и додава: „Одат на настани на отварање на објекти, без да не’ поканат нас советниците, и се сликаат, како нешто да направиле, а ништо не направиле. Не сум испочитуван како советник и нема да учествувам во гласањето на Финансискиот извештај за Комуналец“ – нагласи во својата дискусија Томе Кичуков.
Кичуков сепак искажа неколку критики за работењето во „Комуналец“:
– „Не може во услови на енергетска криза вие (се обраќа на директорот Чочков) ништо да не превземете да ги намалите трошоците за енергија со барем еден реализиран проект за поставување фотоволтаици, а да продуцирате дополнителни трошоци од 500.000 евра. Ја покачивте цената на ѓубрарината минатата седница за да ги надокнадите загубите. Ако вака терате, се плашам дека и тоа нема да ви биде доволно, дека следната година до шести месец ќе сакате ново покачување за цената на водата“ – беше дециден советникот од независната граѓанска листа во гевгелискиот Совет, Кичуков.
Тој имаше и конкретни забелешки до директорот:
– „Не може вие во време на енергетска криза да си дозволите пораст на трошоците за дневници од 1.000 евра, исплата на донации за спорт од 2.000 евра, трошоци за репрезентација од над 3.000 евра. Во нормални години можеби ова е нормално, но во година на економска и енергетска криза ова се ненормални трошоци за претпријатието кое троши јавни пари, од граѓаните“.
Советникот Атанасов реагираше и на зголемената потрошувачка на гориво за патничките автомобили, наместо за камионите и возилата кои се во служба на дејноста:
– „Во услови на енергетска криза зголемена количина на потрошено гориво за 3.700 литри во споредба со минатата година, и тоа за патнички возила, како на пример возилото „Шкода Румстар“ иако 3-4 месеци беше во Мрзенци на поправка сепак успеала да потроши скоро двојно повеќе гориво во споредба со минатата година“ – забележа Атанасов.
Советничката од СДСМ Софија Раманева пак направи паралела:
– „Зошто приходите од потрошена вода имаат тенденција на намалување, а приходите од ѓубрарина имаат тенденција на зголемување во извештајниот период? Како е можно трошоците за штета настаната во 2021 година да биде фактурирана во 2022 година, како што објасни директорот? Како е можно трошоците за материјали и резервни делови за изминатото 9 месечје да пораснале 75%, а претпријатието да бележи намалување на надворешните услуги и изработени добра од „Комуналец“. И како е можно амортизацијата во 2022 да пораснала само за 100.000 денари“ – беа прашањата за нелогичните вкрстени бројки на приходи и расходи во извештајот уочени од страна на советничката Раманчева.
Советникот Тодор Ристов од СДСМ имаше забелешка дека граѓаните НЕОПРАВДАНО се оптеретени да плаќаат услуги кои не ги добиваат, тоа се „Прочистување на отпадните води“ каде сите параметри за работењето на Пречистителната станица укажуваат дека таа не работи и за услугата „Баждарање на водомер“, а никој не добива секој месец услуга баждарење. Во такви услови, во година кога имавме покачување на цената на водата, еве сега и на ѓубрарината, „Комуналец“ и со наплата во континуитет на овие две неизвршени услуги „прочистување на отпадни води“ и „Баждарење“ претпријатието пак покажува загуба. Тоа е резултат на неквалитетното работење – заклучи Ристов.
На дел од прашањата одговори директорот Чочков, дел ги прескокна, а советникот Попов од ВМРО-ДПМНЕ посака мирна и стабилна година за „Комуналец“ во следната 2023, со што се заклучи расправата по кварталниот извештај.
Со 9 гласови „ЗА“, 5 „против“, 2-ца „воздржани“, (1 советник отсутен и 1 ја напушти седницата во моментот на гласањето) – финансискиот извештај за третиот квартал од годината од работењето на „Комуналец“ беше усвоен.
После сето изречено, следното прашање од читателите и од граѓаните би било:
„КОЈ ЌЕ ГИ ОБЕЗБЕДИ ТИЕ 24 МИЛИОНИ ДЕНАРИ КОИ НЕДОСТАСУВААТ ВО КАСАТА НА КОМУНАЛЕЦ?
Се разбира – тие што ги користат услугите на „Комуналец“ – граѓаните, фирмите, домаќинствата, правните лица, жителите во градот и селата кои користат водоснабдителни услуги од мрежата на гевгелиски „Комуналец“.
И, се слуша ли Вашиот глас во советот на општината гевгеличани? Ве прашаа ли Вас на јавна средба со граѓаните од Општината и од јавното комунално претпријатие дали може да ги издржите овие цени на ЈПКД? Или, мнозинството си гласаше, некој си доби работно место токму во „Комуналец“, па Вие сега издржете, ако можете, за мерак на мнозинството!