Најхуманата активност – доброволното крводарување во Гевгелија и регионот до каде се протега надлежноста на Црвениот крст Гевгелија годинава е заокружена со 750 крводарувања остварени од нашите граѓани и жителите на соседните општини.
Последната 13-та акција во оваа 2022 година е реализиана вчера во СОУ „Богданци“ во Богданци, каде се одзваа 23 ученици, со што дебитираа во крубот на крводарителите од регионот.
Годинешната бројка на крводарувања значи пораст од 16,2% во однос на минатата 2021 година, односно пораст од 62,3% во однос на 2020 година, кога се остварени само 462 крводарувања на годишно ниво.
– „Општинската организација на Црвениот крст од Гевгелија има обврска годишно да реализира број на крводарувања кој изнесува 3% од регионот што го опслужува ЦК Гевгелија, а тоа е Гевгелија Богданци и Дојран и изнесува околу 945 крводарувања. Во моментот ни’ е потребен пораст од уште 200 крводарувања за да ја заслужиме годишната Благодарница на Републичкиот ЦК.“ – изјави за GevgelijaNet секретарот на гевгелискиот ЦК, Лазар Мешков.
Со активностите на Општинската организација, со доброволните ангажмани на младинскиот тим, ЦК Гевгелија се труди да го врати трендот на крводарувањата што го имаше Гевгелија со остварени над 1.000 единици годишно. Но, смената на раководството, корона состојбите изминатите 2-3 години имаа свои импликации и врз оваа хумана мисија на гевгеличани, богданчани, дојранчани.
До година да сте полни со здравје и здрава крв за крводарување!
!