Инспектори од мобилните тимови на Царинската управа вчера на ГП „Богородица“ при контрола на автобус открија и запленија 262.750 долари, 155.760 евра и 12 килограми злато и златен накит со проценета вредност од околу 600.000 евра.
Поради постоење сомнеж, автобусот со турски регистарски ознаки управуван од македонски државјанин, кој се движел на редовна линија Скопје – Истанбул (Турција) при излез од земјава бил упатен на детална контрола на царинскиот терминал на ГП „Богородица“. При прегледот е откриен специјално изработен бункер во кој се пронајдени разновиден златен накит и златни плочки со неправилна форма, како и голема количина на девизи.
Стоката со вредност од вкупно околу еден милион евра и автобусот се привремено задржани и предадени на Одделението за истраги во Царинската управа за понатамошна истрага.
Со поднесување на соодветни пријави, случајот ќе биде предаден на надлежното Основно јавно обвинителство.