Никола од Будима града ќе се врател на бел коњ. И тоа во галоп.
Секако сте ја слушнале оваа ексклузивна вест, која во последно време добива посебна актуелност и гласност.
Дочек на Табановце. Црвен тепих. Филхармониски оркестар. Интонирање на македонската и унгарската химна. Црно-црвени знамиња по јарболите. Хорски изведби на патриотски нумери. Грмат топовски салви. Мицко рапортира. Зад него комитската свита со реденици преку раменици и кубури во појасите Фалангата од обезбедувањето на Паљурскиот дворец на долгите копја го подигаат високиот гостин од белиот коњ и како во рикша го понесуваат кон престолниот град. Таму, народот е на нозе. Многумина се на коленици. Од мостовите на Вардар рикаат лавовите. Барокните фасади се разлетуваат како перја од пеликани. Пламтат факели и огнови. Ни Рио Деженеиро не беше видел ваква фешта. Вождот со триумф на бел коњ се враќа дома.
Стоп! Бриши. Враќај назад. Сечи лента.
Ебати го сценариото. Мора ова да го пишувал некој извештен стручњак за нарачани анкети, со температура на работ на издржливост, и секако, прикачен на апарат за кислородна поддршка. Или, вовлечен во лудачка кошула.
Тропатори трубат ќе се врател од Будима града на бел коњ Никола бегалецот. Поточно, криминалецот. Оној што за свој лидерски саркофаг, го избра гепекот!
Сепак, треба да се признае, некој овде е со кусо паметење и со телесна температура од која се блада и ја убива нормалноста и трезвеноста.
Автор: Бошко Нацевски – новинар, публицист, колумнист