Со пораката „Подари радост за Рождество Христово“ и годинава по шести пат се оргнизира традиционалната хуманитарна акција во пресрет на Божиќните празници, во организација на гевгелиските цркви и правосвештенството.
Традицијата вели дека на овој ден семејството се собира заедно на заедничка вечера, со погача, вино и бадниково гранче кои се дел од бадникова трпеза за благодет на сите во семејството, за благород на имотот на стопаните, за нови семејни поколенија.
Во духот на православието пораките за сожителство и подадена рака за помош во нашето актуелно секојдневие ги препознаваме како хуманитарни акции.
Во пресрет на Бадниковата ноќ и големиот христијански празник Божиќ, Црквата „Свети Кирил и Методиј“ од Гевгелија и манастирот „Свети Спас“ организираат хуманитарна акција за донирање на прехрамбени продукти и хигиенски средства. Освен тоа се собираат и парични донации во кутиите наменети за тоа поставени во Црквите организатори на хуманитарната акција, како и во големите маркети во Гевгелија. Сите средства ќе бидат употребени за помош на нашите сожители на кои граѓанската хуманитарна утеха ќе им ги исполни празниците со внимание, посета со насмевка и верба за човечка добрина дека не се заборавени.
Сите собрани продукти и донаторски прилози на ден Бадник (6 јануари 2023 г.) ќе бидат поделени на социјално загрозени семејства од општина Гевгелија.
Приклучете се и Вие со Ваш прилог на акцијата „Подари радост за Рождество“!